Грчките дупки уште подлабоки
Евростат соопшти дека грчкиот дефицит лани бил најмалку 13,6 отсто од БДП, а јавниот долг 115,1 процент
Грчките финансиски дупки биле дури и поголеми од оние што досега и' беа презентирани на јавноста. Поточно, дефицитот на Грција минатата година изнесувал најмалку 13,6 отсто од домашниот бруто-производ, наместо претходно очекуваните 12,7 проценти од БДП, соопшти Евростат.
Според извори во Брисел, европската статистичка служба Евростат гледа со резерва на податоците испратени од Атина, а нејзини експерти заедно со грчките статистички служби проучуваат некои елементи за пресметка на дефицитот и долгот, што би можело да доведе до зголемување на цифрите.
И податоците за грчкиот јавен долг во 2009 година, кој, според вчерашниот извештај на Евростат, изнесува 115,1 отсто од БДП, би можеле да се зголемат за 5 до 7 проценти.
Според Евростат, дефицитот во еврозоната лани во споредба со 2008 година значително се зголемил, и тоа од 2 на 6,3 отсто од БДП.
Инаку, Грција веќе се наоѓа во процедура на строг надзор и е на чекор од наложување парични санкции. Со констатираниот скок од Евростат, задачата на Владата за постигнување на целта и за намалување на буџетскиот дефицит за четири процентни поени во тековната година станува се' потешка, пишува „Елефтеротипија“.
И додека европските статистичари презентираат се' понеумоливи бројки за Грција, грчкиот премиер, Јоргос Папандреу, вчера изјави дека е подготвен „за секое решение за излез од економската криза, но под услов со него да не им се наштети на националните интереси на Грција“.
Во првата изјава дадена по доаѓањето на експертските групи на ММФ во Грција, Папандреу истакна дека земјата се наоѓа во најтешката криза од воспоставувањето на демократското управување и дека нивна патриотска задача е да ја спасат Грција. Тој не изостави да ја обвини претходната конзервативна влада за нејзината, според него „криминална политика, која ја довела земјата до огромни дефицити и долгови.
Министерот за финансии, Јоргос Папаконстантину, пак, по вчерашните консултации со експертите од ММФ, изјави дека разговорите ќе бидат доверливи, а ќе завршат со заеднички текст, чија основа ќе биде програмата за стабилност и развој на Грција.
Во меѓувреме, десетици илјади вработени во локалната администрација, даночните, судските и царинските службеници, универзитетските професори, актерите и лекарите и вчера штрајкуваа, во знак на протест поради суровите антикризни мерки на владата. Тие бараат властите да се воздржат од натамошни рестриктивни мерки за намалување на платите во јавниот сектор и за замрзнување на пензиите. (Ек.Р.) |