Ставрески на пролетните средби на ММФ и СБ
Вашингтон - Македонска делегација предводена од вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, од вчера, па до недела ќе учествува на редовните пролетни средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон. Предвидено е Ставрески да се сретне со потпретседателот на СБ, Филип Леру, со директорката за Македонија, Џејн Армитаџ, со извршниот директор на Холандската конституенца при СБ, Рудолф Јан Треферс, како и со високи претставници од ММФ, Марек Белка, Вес Мек Гру и Ејџ Бакер. Фокусот на разговорите ќе биде тековната и идната соработка на Македонија со двете институции. Пред официјалниот почеток на пролетните средби беше предвидено да се доделат наградите за десетте земји - топ реформатори според „Дуинг бизнис“, меѓу кои Македонија е рангирана на трето место. Но, настанот е откажан зашто голем дел од претставниците на државите реформатори поради облакот од вулканска прашина, не беа во можност да допатуваат во Вашингтон.
На редовните состаноци што секоја година напролет ги организираат Светската банка и ММФ присуствуваат министри за финансии и гувернери на централните банки од сите земји-членки на овие две меѓународни финансиски институции. Се разгледуваат и се дискутираат најактуелните случувања во светски економски рамки. (Ек.Р.) |