Граѓаните сакаат да купуваат од фотелја
Сепак, тие се' уште не се сигурни дали Интернет-купувањето е безбедно
Миркица Поповиќ
Истражувањата на маркетинг-агенцијата „Њу момент“ за навиките на граѓаните во Скопје за Интернет-трговија покажуваат дека граѓаните сакаат да купуваат онлајн, но не се сигурни дека тргувањето е безбедно. Според резултатите, 87 отсто од граѓаните би купувале преку Интернет доколку им се гарантира безбедност при трансакциите или доколку им се обезбеди широк избор на производи. Меѓутоа, 58 отсто од анкетираните се изјасниле дека не знаат дали македонските Интернет-продавници нудат безбедно купување. Најголем интерес постои за купување електронска и компјутерска опрема, облека, обувки и подароци.
Според Александар Тасев, основач на „Трговски центар“, веб-страница за Интернет-трговија, кај нас повеќе од една година постои солидна инфраструктура за развој на Интернет-трговијата. Тасев истакнува дека е несопорна безбедноста за купување преку македонските Интернет-продавници, бидејќи се потпираат на светски сигурносни стандарди, а и досега не се познати случаи на инциденти при Интернет-трансакциите.
Поголемиот проблем, според Филип Стојановски, магистер по е-бизнис, е фактот дека многу мал од број од домашните веб-страници имаат јавно пријавена политика на приватност, која ќе се грижи за заштита на личните податоци на посетителите. На овој начин ќе се работи на создавање култура на заштита на личните податоци на Интернет, што, од друга страна, ќе помогне за намалување на бројот на граѓани што се воздржуваат од Интернет-трансакции. Според Стојановски, неопходен чекор за македонските веб-продавници е да се интензивираат маркетинг-активностите за граѓаните подобро да се запознаат со начинот на функционирање и со безбедноста.
Главна таргет-група на домашните веб-продавници во прва фаза би требало да бидат Интернет-корисниците во Македонија кои веќе купуваат преку Интернет. Како што вели Дарко Булдиоски, Интернет-консултант, на овие корисници треба да им се понуди производ со еднаков квалитет, услуга и поддршка, како што е онаа достапна на глобалниот пазар. Имајќи ги предвид заклучоците од истражувањето, според кои, дури 60 отсто од испитаницит�� не знаеле ниту еден македонски портал за Интернет-трговија, а голем дел од нив не биле ни доволно запознати со тоа што е точно веб-продавница и кои услови треба да ги исполнува, Булдиоски предлага поактивно огласување, промоција, посебна стратегија за секој вид промоција, но и едукативни текстови за Интернет-трговијата.
Истражувањето на агенцијата „Њу момент“ е спроведено на примерок од 330 испитаници, кои редовно користат Интернет на територијата на Скопје. |