Каде се скрија вистинските кодоши
Во Македонија немало кодоши, можеби само еден - довчерашни��т претседател на Уставен суд, за кого уште не е завршена процедурата
Оливера Војновска
Македонските лустратори досега не пронајдоа ниту еден кодош меѓу припадниците на актуелната политичка елита. Можеби има само еден, но тој, сепак, е од судската власт. Довчерашниот претседател на Уставен суд, Трендафил Ивановски, за кого се' уште не е завршена правната процедура. И колку и да изгледа куриозитетно, излегува дека во Македонија во претходниот систем воопшто не се денунцирало, немало кодоши!
Тоа го покажуваат официјалните податоци кои Комисијата за лустрација и' ги соопштува на јавноста. На онаа иста јавност која речиси три месеци е бомбардирана со досиеја и кодошки сценарија. Но, откако лустрацијата ги покри сите настани во државата, добивме одговор дека се кренала толкава врева за безвредни фабрикати, плагијати, фалсификати...
Каде е, всушност, вистината за македонската лустрација, која посматрачите на настаните веќе ја оквалификуваа како „одење бос в трње“? Процесот излезе од Комисијата за верификација на фактите, заталка меѓу партиските штабови и правливите архиви на нашите разузнавачки служби, за на крајот да стане заложник во депоата на поранешните УДБА и КОС во Белград.
Аналитичарот Ким Мехмети мошне луцидно забележува кој правец може да го фати лустрацијата. „Доколку Скопје ги добие досиејата од Белград, тогаш и кокошките на Албанците ќе бидат прогласени за кодоши“, вели Мехмети.
И во меѓувреме, додека лустраторите се најдоа во улога на неми набљудувачи на настаните, вистината и лагата за кодошењето толку се испреплетоа што е тешко да се состави реалната слика. Нешто слично како во филмот „Балкански правила“ на режисерот Дарко Баиќ, кој ги опишува деликатните врски меѓу југословенската, српската и хрватската тајна полиција во текот на 60-тите години од минатиот век.
Со досиејата „Вујко“, „Мама“, „Стрелец“ и „Ибар“, кои стасаа до кормилото на ДУИ, македонската лустрацијата доживеа вистинска катарза. Тоа дека постоеле лица со такви псевдоними потврди поранешниот шеф на специјалниот тим на југословенската Служба за државна безбедност, одговорен за албанската емиграција, Божидар Спасиќ. Така што, иако Комисијата одлучи да не отвори постапка за лустрација на функционерите на ДУИ, бидејќи се работи за „фотокопии што не ги исполнуваат стандардите на едно досие“, тоа сигурно нема да ја симне калта од нивните биографии. Напротив, прогнозите се дека оваа лустрациска епизода ќе остави сериозни последици врз угледот на ДУИ.
Познавачите на состојбите во албанскиот блок се сомневаат дека сето ова е изрежирано од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, со цел да се држи ДУИ под контрола. Политичкиот аналитичар Џевдет Хајредини отворено ќе каже „некој ги сакал токму овие последици“, а за можноста од канализирање на процесот во институциите сликовито се изрази: „Враќање во коритото без последици - нема“.
Според аналитичарот Мехмети, Албанците и денес се објект на манипулација на полициски структури од Белград. Затоа, тој е убеден дека цехот на уличната демократија најскапо ќе го платат токму Албанците, а оној што ќе профитира ќе биде премиерот Никола Груевски. „Не велам дека Груевски барал токму ваква лустрација. Но, тој во политичката игра толку ги парализирал Албанците што тие во власта сега не смеат ниту да прашаат колку чини една скулптура на лав“, резонира Мехмети.
Македонската лустрациска сага фактички започна во албанскиот блок, со директна војна меѓу ДПА и ДУИ. ДПА обелодени дека поседува документ за пратеник од ДУИ, каде што, според нив, „на 13 страници има неоспорни факти дека тој бил соработник на тајната полиција“. Сепак, Комисијата не ги виде тие „неоспорни факти“ и со гласање заклучи дека не треба да поведе постапка за лустрација. Тоа беше повод партијата на Мендух Тачи да поднесе кривична пријава против лустраторите, „бидејќи криеле факти за пратеникот од ДУИ, бивш политички затвореник“.
Потоа огнот се префрли во атарот на владејачката партија, која беше обвинета дека го крие кодошот од партнерите во портокаловата коалиција. Политичкиот ментор на Груевски и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, во отворено писмо до Груевски го исцрта профилот на кодошот. Пратеникот на кој алудираше Георгиевски самиот се препозна. На прес-конференција негираше дека бил соработник на тајните служби и покажа уверение од Комисијата за лустрација дека го исполнува дополнителниот услов за вршење јавна функција.
Но, и бурата околу него ��деднаш стивна. Се префрли кај уставниот судија кому сега му останува да докажува пред Врховниот суд дека со политичка мотивација „од жртва и прогонувано лице, му било конструирано досие на кодош“. Доколку не го добие спорот, може да ја искористи опцијата да се жали во Судот за човекови права во Стразбур.
Инаку, досега во лустрациската Комисија изјави заверени на нотар доставиле над 2.500 функционери и кандидати за вршење јавна функција. Лустрацискиот филтер, пак, го поминале околу 320 функционери, меѓу кои претседателот, премиерот, министрите, пратениците.
Македонското општество ќе ги прочистува гревовите (како што е значењето на латинскиот збор lustratio ) до јануари 2019 година. Старите Римјани го правеле тоа на секои пет години и задолжително имало ритуал со факели, музика и танци. Ние го правиме тоа на типичен македонски начин: на улица, во дворови и од партиски прес-конференции.
|