Коњановски: Прашање е на време кога ќе станеме членка на НАТО
„Ако долго време траат преговорите и нема компромис, мислам дека и нашето членство под ПЈРМ е едно од решенијата“, вели Коњановски
„Прашање на време е кога ќе победи принципиелноста над непринципиелноста и кога Македонија ќе биде полноправна членка на НАТО. Се надеваме дека тој временски период ќе биде многу кус и набргу ќе бидеме дел од НАТО, затоа што ги вложуваме сите напори што се потребни да станеме членка на Алијансата. Подготвени сме како Влада и како држава да го надминеме и тој последен чекор, тој спор што ни се наметна со непризнавање на нашето уставно име од страна на Грција. Но, за добра соработка и надминување одредени спорови се потребни двајца“. Ова во интервју за МИА го изјави министерот за одбрана, Зоран Коњановски, одговарајќи на прашањето колку недобивањето покана може да биде демотивирачко и за граѓаните и за припадниците на АРМ, како лидери во исполнувањето на критериумите за членство. Коњановски во однос на самитот на НАТО во Лисабон, кој ќе се одржи за една недела, вели дека не очекува изненадувања, бидејќи Македонија покажала готовност и политичка зрелост уште на самитот во Букурешт.
„Уназадување на тој план не е можно, враќање назад не е можно. Единствено е можно НАТО принципиелно да го вреднува она што земјава го прави во однос на Алијансата. Ако од тој аспект се гледаат работите, изненадување нема да биде и ако станеме членка на НАТО“, истакнува Коњановски, кој додава дека за лисабонскиот самит не треба да бидеме ниту преголеми оптимисти, но ниту песимисти.
На прашањето какви се шансите да добиеме покана под референцата ПЈРМ, Коњановски потсетува дека одлуките на НАТО се носат со консензус, што го смета моментно како наш хендикеп. „Мислам дека НАТО и ЕУ треба да се загрижат дека тоа веќе не е билатерално прашање, туку самото прашање добива регионален карактер. И тука треба и ЕУ и НАТО и другите земји да помогнат да се реши тоа прашање. Во случај ако долго време траат преговорите и нема компромис, мислам дека и нашето членство под ПЈРМ е едно од решенијата“, вели Коњановски. На прашањето дали се согласува со позициите на амбасадорот во НАТО, Мартин Треневски, и како тие влијаат врз односите со НАТО, министерот Коњановски вели дека амбасадорот не бил добро разбран за одредени позиции што ги изнел и во него гледа силен поддржувач на владината политика. (П.Р.) |