Број 3432  понеделник, 15 ноември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска








Site Meter

Златен прстен за македонска телевизија во Врбник


Во времето на Енвер Хоџа ставале златен накит за да фатат Телевизија Скопје. И ја затворале портата

Од нашиот известувач
Димитар Чулев

Врбник, Албанија – „Кога ќе сакавме да слушниме што има во нашиот крај, маж ми Тасе ќе го извадеше венчаниот прстен, бурмата, и ќе се качеше горе... Под керамидите, во таванот под чатијата, ќе го врзеше прстено за еден тељ, фатен на гредите. И – ќе слушневме наши песни и зборои... Ама, ја затворвавме портата, оти имаше многу шпиуни“.

Донка Лоровска (60) ја сретнавме во село Врбник, преубаво село на албанско-грчката граница, на 40 километри јужно од Корча. Во најубавите години, селото имало 80 семејства во исто толку куќи. Сега се останати 40-50 луѓе, било парови старци, било самци.

Местото е надвор од сите патни комуникации на Албанија. Од Корча до градот Билишт (Белиште по македонски) има 35 километри нов асфалтен пат. Од Белиште до Врбник, за патната инфраструктура времето застанало пред два века... Нема ни макадам, туку само пат од кал, кој кога екипа на „Утрински“ беше во селото, половично беше однесен од дождовите.

Во селото, во семејната куќа стара над еден век, Донка живее со свекрва и', 86-годишната Дана. Тие се меѓу последните „мохиканци“ кои го чуваат селото и веруваат дека младите „треба да имаат место коа ќе сакаат да си дојдат“. До селото не' однесе ќерката на Донка и внуката на Дана, Алдана, која има само уште еден испит до дипломирање на Правниот факултет во Скопје.

Многу и' се израдуваа... солзи, радост, молби да остане „ва нош“ (оваа ноќ), благодарност дека во селото дошла со „љуге“. Двете жени, свекрвата Дана и снаата Донка, се во жалост веќе седма година откако домаќинот Тасе Лоровски почина и ги остави сами да „му го најдат патот на трите чупиња“.

Во Белишта, аптеката на Елена, најстарата ќерка на Тасе Лоровски, е најпозната, таа заврши за фармацевт; Роза, вората ќерка, има фризерски салон, третата ќерка ќе биде правник.

„Не знам дали е аманет, но ние од Врбник сите отидовме на високи школи...“ ни кажува Елена, раскажувајќи за времињата кога три часа дневно, во двата правци, патувала да учи школо во Белиште, зашто во селото имало само до четврто. Нејзината сестра Алдана ни кажува дека во етнички чистото македонско село сега има само три деца на возраст до седум години. „Затоа го укинаа училиштето“.

Баба Дана најмногу и' се радува на Алдана. Ни раскажува дека откога памети, имало притисоци. Мажот и' Лазо бил од соседното село (сега во Грција) В’мбел, кој прифатил да дојде домазет зашто татко и' и единствениот брат Ѓерго не ја пуштале да го напушти Врбник. Веќе прецизно не памети години, но знае дека Врбник „по турско“ прво беше во Грција, а потоа (1924 и со размена на територии) припаднало во Албанија. Во месноста Глава (или Кока по албански), на 2,5 км северно од селото, се протегала некогашната граница.

„Татко ми велеше дека имало комисија што одела од куќа до куќа да испита дали во селото живеат Грци... По три дена, откако ’ропаа на вратите’, а д натре му велеа ’влези’, ’кој е�� разбраа дека нема ни еден Грк. ’Ама имаше шпиуни’“, вели Дана. „Сакаа да не' направат Грци, а најсетне Албанци“.

Во изводот од матично на Алдана пишува дека е „Македонка“, се разбира, со албанска транскрипција.

Отвораме разговор за претстојниот попис. Младата правничка ни ги објаснува правните „дупки“ во пописниот образец на Албанија, кој има цел на малцинствата да им даде географска одредница. Во Албанија само во Пустец, мала Преспа и во селото Врбник, Македонците можат да се изјаснат како малцинство.

Надвор од овие места, етничкиот момент престанува да важи. Македонците во Тирана, Елбасан, во Либражд, Корча, Билишт се Албанци, вели Уставот на Албанија. Оние во Гора и во Голо Брдо неодамна имаа непријатно искуство откако за приватните курсеви по македонски се заинтересирале и тајните служби. Државата, сепак, покажа демократски капацитет и дозволи приватно факултативно учење на мајчиниот македонски јазик.

„Тоа е феноменално. Во Албанија, македонското малцинство, покрај државниот албански, треба да плаќа приватно да го учи мајчиниот јазик. Во Македонија, Албанците не сакаат да го учат јазикот на државата“, вели Едмонд Темелко, претседател на Македонската алијанса за европска интеграција, партија околу која гравитира македонското малцинство (оние 4.160 признати малцински Македонци) во Албанија.

Во април, во Албанија ќе се одржи попис на населението. За изјаснување, предвидени се само две графи: Албанци и „други“.

Во Врбник не сакаат ни да мислат дали некаква „хартија“ ќе им го смени националното. Во убаво уредената куќа, до која води внимателно поставувана калдрма, со децении немаат дилеми. Фотографиите на дедо Лазо и на Тасе, кој ја вадеше бурмата за да му обезбеди македонски јазик на семејството, стојат како патоказ.








#
Статијата е прочитана 1127 пати.

Испрати коментар

Од: Aleko
Датум: 15.11.2010 13:55:23
Vreme bese posle tolku godini nekoj da napise dva reda za edinstvenoto Egejsko selo vo Albanija. Vi blagodaram. Dokolku ve interesira poveqe da znaeteza moeto selo javejtese. Pozdrav Od Vrnicenec. 075 422 760

Најди! во Утрински
Насловна
Тиквешански
Ниска јаглеродна економија
Нема веќе кредити, само стипендии за студентите
Од ОН уверувале дека ќе се коригираат за јазикот
Водителски камбек под полн напон
Безимени и глувонеми
Каде се скрија вистинските кодоши
Тачи
Изложба на детски цртежи во Кинотека
Далеку е Европа!
Стоечки овации во Карнеги хол за Симон Трпчески
Фетел најмлад светски првак во Формула 1
Македонскиот јазик се врати во ОН
Коњановски
Царината се поднови пред Нова година
Карикатура
Новинарите ги полнат турските затвори
Стил






Parvanov's new project upsets former Socialist colleagues
Mounting pressure to end Macedonian negotiations with Greece
No control mechanism for Croatia after EU entry