МЕРИДИЈАНИ
Ниска јаглеродна економија
Џефри Сакс
Решението за вештачките климатски промени з��виси од преминот кон производство на електрична енергија, што за разлика од нафтата, природниот гас и јагленот, испушта малку или воопшто не испушта јаглероден диоксид - главниот гас со ефект на стаклена градина одговорен за глобалното затоплување. Ниска јаглеродна електрична енергија може да се произведе од сончева, нуклеарна и енергија на ветрот или од електрани во кои согорува јаглен, што ги заробува и ги складира нивните емисии на јаглероден диоксид. Проблемот со политиката е едноставен. Јагленот е поевтин и полесно искористлив отколку алтернативите. За да се спаси планетата, треба да ги поттикнеме снабдувачите на енергија да прифатат ниски јаглеродни енергетски извори и покрај пониската цена и полесната употреба на јагленот. Очигледен начин е да се оданочи јагленот или да се бараат дозволи од електраните за употреба на јагленот и да се одреди данокот или да се дозволат доволно високи цени за да се поттикне пренасочување кон алтернативи.
Да претпоставиме дека јагленот произведува електрична енергија по цена од 0,06 долари за кв/час, додека соларната енергија чини 0,16 долари за кв/час. Данокот за електрична енергија што се базира на јаглен би бил 0,10 долари за кв/час. Политичарите не сакаат да се воведе таков данок, стравувајќи од силни реакции. Со години тоа го попречуваше напредокот во САД кон ниска јаглеродна економија. Сепак, неколку европски земји успешно ја претставија идејата за „тарифа на воведување“, што е основа на политички прифатливо долгорочно решение. Таа тарифа го субвенционира нискиот јаглероден енергетски извор наместо да го оданочи високиот.
Постои и друг начин. Да претпоставиме дека ставаме мал данок на постојните јагленови електрани со цел да се плати соларната субвенција, а потоа постепено ги зголемуваме сметките за струја на потрошувачите, бидејќи постепено се воведуваат се' повеќе соларни централи. Цената што им се наплатува на потрошувачите постепено ќе се зголемува од 0,06 долари за кв/час до 0,16 долари кв/час, но во период од 40 години, колку што е животниот век на најновите јагленови централи. Да претпоставиме дека од 2010 година целиот систем за електрична енергија ќе се базира на јаглен и дека цената на струјата што ја плаќаат потрошувачите ќе биде 0,06 долари за кв/час. До 2014 година, да претпоставиме дека се остварени 10 отсто од 40-годишниот премин кон сончева енергија. Потрошувачката цена е зголемена за 10 отсто на патот од 0,06 до 0,16 долари, достигнувајќи вредност од 0,07 долари за кв/час. Па, да претпоставиме дека до 2030 година преминот кон ниска јаглеродна економија е половина завршен. Потрошувачката цена за електрична енергија сега е 0,11 долари, точно на половина меѓу 0,06 и 0,16 долари. Конечно, да претпоставиме дека до 2050 година целото производство на струја преминало на ниски јаглеродни енергетски извори, а цената достигнува 0,16 долари за кв/час, доволно за да се покрие трошокот за соларна енергија без субвенции.
Овој пристап овозможува постепено воведување повисоки цени на електрична енергија за потрошувачите, а сепак воспоставува силни, директни иницијативи за прифаќање на соларната енергија. Енергетските дебати во Америка, Австралија и во другите земји досега се фокусираа на воведување огромниот систем на дозволи „заробување и размена“. Секој голем корисник на фосилни горива ќе треба да купува дозволи за да испушта јаглероден диоксид, а тие дозволи ќе се разменуваат на специјален пазар. Пазарната цена на дозволите би била еквивалентна на плаќање данок за емисии на јаглероден диоксид. Европа прифати таков систем, но други делови од светот ги отфрлаат. А, најголемиот успех на Европа во промовирање ниска јаглеродна енергија потекнува од тарифите за воведување и јаглеродни даноци наместо од системот „заробување и размена“. Дојде време Америка, Кина, Индија и другите големи економии да се изјаснат за преминот кон ниска јаглеродна економија. Постојат ефективни решенија за вештачките климатски промени, кои се прифатливи и изводливи за спроведување. Време е да ги прифатиме.
(Авторот е професор по економија и директор на Институтот за Земјата на Универзитетот Колумбија, специјален советник на генералниот секретар на ОН за Милениумските цели и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од „Проект синдикејт“) |