Загинаа 41 лице во напади во Ирак
БАГДАД - Во серија бомбашки напади што вчера се случија во Багдад и во северниот ирачки град Тал Афар загинаа најмалку 41 лице, а повеќе од 80 лица беа повредени, соопшти полицијата. Во два последователни самоубиствени напада во градот Тал Афар, на 420 километри северозападно од Багдад, загинаа 34 лица, а 60 лица беа повредени. Еден бомбаш-самоубиец го активираше појасот со експлозив во градот. Втор сличен напад се случи додека луѓето се собираа за да им укажат помош на повредените од првата експлозија, изјави официјален претставник на полицијата.
Во Багдад седум лица загинаа, а 20 лица се повредени во две експлозии на пазар во Садр Сити, сиромашна област во ирачкиот главен град во која живеат Шиити муслимани. Полицијата соопшти дека двете бомби биле подметнати меѓу купови ѓубре во популарната пазарна област. Се бележи остар пад на крвопролевањата по американската инвазија во 2003 година, меѓутоа, северната етнички и религиозно мешана провинција Ниневех и понатаму останува најопасна област во Ирак.
Ваквите напади ги покренуваат прашањата за тоа дали ирачките сили може да го одбијат обновеното насилство откако ја презедоа водечката улога за безбедноста во земјата од рацете на американските сили. Американските борбени сили минатиот месец се повлекоа од базите во градовите и населените места, што претставува пресвртница во планираното постепено повлекување на американските војници до крајот на 2011 година. (Ројтерс) |