Да се потопат бродовите што пренесуваат емигранти во Европа
Лидерот на британската екстремна десница Ник Грифин бара од ЕУ „многу потврди“ мерки
Лондон - Лидерот на екстремно десничарската Британска национална партија (БНП), Ник Грифин, побара бродовите што превезуваат илегални емигранти од Африка во Европа да бидат потопувани.
Во интервју за Би-Би-Си, Грифин, кој пред три седмици беше избран за пратеник во Европскиот парламент, побара од Европската унија „многу потврди“ мерки за спречување на напливот на илегални емигранти на континентот.
„Европа мора да има некакви специјални сили што ќе го спречуваат илегалното навлегување и за блокирање на Медитеранот“, рече европратеникот Грифин.
Според него, тоа треба да вклучува и потопување на бродовите, иако тој негира дека се залага за убивање на илегалците од африканскиот континент.
„Не барам тие луѓе да се убијат, туку да се потопат бродовите што ги пренесуваат, а илегалните емигранти потоа да се вратат назад од каде што се дојдени“, објаснува Грифин, забележувајќи дека ЕУ ќе мора да ги затвори вратите или „едноставно ќе биде потопена од третиот свет“.
Повеќе од 37.000 емигранти и бегалци минатата година пристигнале на италијанско копно, пред се', на островот Лампедуза во Средоземното Море, оддалечен само 160 километри од брегот на Тунис во Северна Африка. Тоа е 75 отсто повеќе отколку претходната 2007 година. (МИА) |