„Гардијан“ отвори војна против најтиражниот британски таблоид
Тешки обвинувања на „Гардијан” против неделникот „Њуз оф д ворлд“ на Руперт Мардок
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Лондонски „Гардијан” ја обвини редакцијата на најтиражниот неделник-таблоид во Велика Британија „Њуз оф д Ворлд”, како и медиската компанија „Њуз интернешнел“ на Руперт Мардок, која е сопственик на весникот, дека тајно, ангажирајќи приватни детективи за тоа, ги слушале и ги читале пораките и говорната пошта на мобилните телефони на околу 1.000 Британци од светот на политиката, забавата, јавниот живот и спортот, за да се дојде до сознанија, информации и вести за правење тиражни стории.
На списокот на оние чии пораки на мобилните телефони биле слушани, се поранешниот заменик-премиер Џон Прескот, министерот во лабуристичката влада Теса Џовел, сегашниот градоначалник на Лондон, Борис Џонсон, познатиот фотомодел и поранешна манекенка Ели Макферсон, актерката Гвинет Палтроу, која често престојува во британскиот главен град, познатиот ПР (паблик рилејснс) експерт за најпознатите личности од лондонскиот јавен живот, публицистот Макс Клифорд, како и Гордон Тејлор, раководител на асоцијацијата на англиските професионални фудбалери, но „Гардијан“ тврди дека се „надгледувани, контролирани и слушани“ и СМС-пораките од околу 3.000 мобилни телефони. Весникот вели дека за ваквото свое откритие, кое мошне тешко го обвинува тиражниот и многу популарен неделник, како и новинарското „царство“ на најмоќниот медиски магнат Мардок, „Гардијан“ користел сознанија добиени од „високи полициски извори“.
Од тие извори, што весникот, секако, не ги открива, е добиена и информацијата дека компанијата „Њуз интернешнел“ исплатила повеќе од еден милион фунти за вонсудско ��погодување со „прислушкуваните“, за да се спречат јавни истраги и судски спорови. Како највисока се посочува спогодбено договорената компензација од повеќе од половина милион фунти за Гордон Тејлор. Во приказната на „Гардијан“ уште се тврди дека „барем триесетина новинари“ на неделникот „Њуз оф д ворлд“ користеле ваква „техника“ со помош на приватни детективи, а како главна цел на обвинувањата се појавува поранешниот главен уредник на таблоидот, Енди Коулсон, кој сега е ангажиран како советник за медиуми и за комуникација со јавноста на лидерот на ториевците, Дејвид Камерон.
Случајот со „ловењето на пораките“ од мобилните телефони од „Њуз оф д ворлд“ не е новина, затоа што уште есента 2006 година полицијата ги уапси поранешниот новинар-уредник на овој весник, Клајв Гудман, како и приватниот детектив Глен Малкеар, кој работел со него, под обвинување дека ги прислушкувале и ги читале пораките од мобилните телефони на тројца членови од персоналот на кралското семејство. Новинарот Гудман беше осуден на четири години, а приватниот детектив Малкеар на шест месеци затвор, на судењето што заврши во јануари 2007 година. Редакцијата на весникот, која тогаш беше обвинета дека ги прислушкувала и Макс Клифорд и Гордон Тејлор, истите луѓе што „Гардијан“ сега открива дека биле „надгледувани“, се огради од постапката на својот новинар, а главниот уредник Коулсон поднесе оставка и замина од „Њуз оф д ворлд“. Тој и тогаш, а и сега тврди дека не знаел ништо за ваквите постапки, па дека несогласувајќи се со таа „техника“ за доаѓање до ексклузивни информации, го напуштил новинарството и се префрлил во политиката, кај опозиционите ториевци.
Се мислеше дека случајот е затворен зашто полицијата пред 2,5 години ја заврши истрагата, насочувајќи се само кон двајцата осудени. За тоа расправаше и комисијата која ги разгледува приговорите на читателите и јавноста на пишувањето на весниците, која за таа цел разговараше со повеќе луѓе од „Њуз оф д ворлд“. Но, изгледа дека токму присуството на поранешниот уредник, прво заменик, а потоа и главен на таблоидот, кој не им е наклонет на владејачките лабуристи и е редовно остар критичар на премиерот Гордон Браун, во редовите на политичкиот противник, го префрла случајот на политичкиот терен и на меѓупартиските обвинувања на двете главни британски партии. Веднаш по публикувањето на „откритијата“ на „Гардијан“, весник кој важи за исклучително близок до лабуристите и до премиерот, низа истакнати функционери на оваа партија се нафрлија повеќе врз Коулсон и врз Камерон, барајќи да го казни својот советник за комуникација, отпуштајќи го од работа, така како што Браун пред тоа, под силен притисок на весниците и на ториевците, го отпушти својот советник за комуникација Демијан Мекбрајд, кој испраќаше навредливи пораки преку Интернет од својата канцеларија во Даунинг стрит 10, за истакнати конзервативни политичари или за членови на нивните семејства.
Скотланд јард во меѓувреме соопшти дека ќе ги „испита фактите“ околу случајот што „Гардијан“ толку громогласно го најавува на својата прва страница и за него користи и повеќе страници од весникот. Сето тоа потсетува на откритието на проконзервативниот „Дејли телеграф“ за трошоците на пратениците, што иако ги зафати сите пратеници, најтешко ја погоди Лабуристичката партија, затоа што е на власт, како и нејзиниот лидер и премиер Браун. Поранешниот заменик-премиер Прескот не се согласува дека станува збор за лабуристичко враќање на „злобата на ториевците“, но не знае да одговори зошто, ако полицијата, како што тврди „Гардијан“, знаела за „нелегалното“ однесување на новинарите од „Њуз оф д ворлд“, уште пред 2,5 години не презела ништо повеќе, не го известила обвинителството и, пред се', не му кажала на вториот човек во владата дека новинарите му ги читаат пораките на неговиот мобилен телефон.
Публицистот Клифорд вели дека станува збор за недозволена техника, која не може и не смее да биде правило во новинарството, но и тој во интервју за Би-Би-Си прашува зошто „Гардијан“ чекаше толку време, токму сега да „открие“ колку се нечесни новинарите на неделникот на Мардок, како и зошто полицијата, за која се вели дека сега му ги доставила на весникот своите стари сознанија, не реагирала на „недозволеното“ и противправно однесување на редакцијата на „Њуз оф д ворлд“ тогаш кога го уапси и обвини новинарот Гудвин. |