05.03.2012, 17:32 Македонија малку ги користи европските фондови
Најмало интересирање има за проекти од програмата „Прогрес“, која се однесува на поддршка на социјалната политика и вработувањето
Македонија слабо ги користи европските пари од Програмата на заедницата, покажува истражувањето насловено „Преку трупа за Европа“ спроведено од Македонскиот центар за европско образование. Од постојните над триесет програми, нашава земја учествува во 13, од кои истражувањето опфати пет програми и тоа „Култура“, „Европа за граѓаните“, „Прогрес“, Седмата рамковна програма или ФП7 и Програмата за конкурентност и иновации.
Се покажува дека е повеќе од потребно зајакнување на финансиската поддршка при учеството во програмите, а како можно решение се предлага формирање посебен Фонд за кофинансирање на европските проекти. Како најголем недостаток за учеството во програмите се наведува недостатокот на информации за тоа што претставуваат овие програми на заедницата.
Генерална оценка е дека Македонија главно успешно учествува во програмите, но тој успех варира според комплексноста на одделните програми, искуството, контактите, поврзаноста на самите апликанти, како и од поддршката од самите институции.
Според Лукас Мелка, од делегацијата на ЕУ во Македонија, Македонија бележи добар напредок во учеството во Програмата на заедницата, но сепак недостасува поголема активност.
„Имаше зголемување на поднесени и избрани апликации, како и во висината на добиените средства. Она што преостанува е зголемување на владините и невладините административни капацитети за поддршка на учеството во програмите“, истакна Мелка.
Загрижува податокот дека најмал интерес, а со тоа и најмалку пари имаме повлечено за проекти од програмата „Прогрес“, која се однесува на поддршка на социјалната политика и вработувањето. Со податоците за тоа колкав е степенот на невработеноста и сиромаштијата зачудувачка е незаинтересираноста на државата за учество во овие програми.
„Програмата ’Прогрес’ е исклучок во кој имаме помалку повлечено пари отколку што сме платиле за т.н. влезен билет за учество. Од 2007, кога почна оваа програма, на Македонија и' се одобрени четири проекти, а нема информации дека последниве години имаме поднесено апликација за проекти“, истакна Наташа Јованова од МЦЕО. Нешто подобро стоиме при аплицирање за останатите програми, вели, иако повторно беше забележано дека не користиме голем дел од програмите. Исто така, слабо се користат и средствата од четвртата компонента на ИПА фондовите за развој на човечки ресурси кои финансираат проекти во образованието, обука, вработување и социјално вклучување.
Љупчо Петковски од истиот центар укажува дека треба да се работи на унапредување на петгодишната Стратегијата за национален развоен план, како и на утврдување подолгорочен план.
„Македонија со само 0,2 проценти е на опашката не само на Балканот туку и во регионот. Србија имаше 0,3 проценти, но само за година - две успеа да го зголеми процентот на искористеност со тоа што во стратегијата ставила таргет дека до 2020 тој удел ќе го зголеми до два проценти“, истакна Петковски. (Св.У.) |