05.03.2012, 17:25 Пешевски: Тешко дека ОКТА ќе ја промени Методологијата
Преговорите меѓу Владата и ОКТА околу промената на Методологијата би требало да почнат овој месец
Ќе биде релативно тешко ОКТА да се убеди да ја смени досегашната Методологија за формирање на цените на горивата. Но, и доколку тоа се случи, не би тр��бало да се очекува дека цените значително ќе се намалат.
Преговорите меѓу Владата и ОКТА околу промената на Методологијата би требало да почнат овој месец. „Станува збор за иницијатива од Владата за да се промени купопродажниот договор, за што ќе биде потребна согласност од двете страни. Значи, ќе биде релативно тешко да се натера другата страна своеволно да прифати понеповолни услови од оние кои ги има сега. Реално постојат аргументи во делот на Методологијата каде што се утврдуваат определени надоместоци што ја третираат цената. Има промени на пазарот и тука би можеле да се направат определени измени“, изјави вицепремиерот Владимир Пешевски.
Според него, симулациите покажувале дека дури и ако дојде до промена во саканата насока, односно врз основа на 100 проценти реални параметри кои одговараат на сегашната економска состојба, тоа нема да направи голема разлика во крајната цена на бензините. „Сепак, пресуден фактор во утврдување на цената на бензините е движењето на цената на суровата нафта на светскиот пазар и курсот на доларот кон денарот. Тие два основни параметри ја дефинираат 80 до 90 проценти конечната цена на горивата. Доколку тука има негативни или позитивни трендови, не постои таква Методологија која може да ги испегла или целосно да ги елиминира тие факти“, рече Пешевски.
Тој додаде дека моментно не се прават анализи за намалување на акцизата за горивата, но по враќањето на владината делегација од Индија, можно е повторно да се разгледа тоа прашање. (Ек.Р.)
Владата се грижи за вработените во загубарите
Коментирајќи го решавањето на статусот на загубарите, Пешевски вчера посочи дека во интерес на Владата е во овие фирми да се задржат вработените. „Многу е лесно да се најде решение за тие претпријатија доколку сте без чувство за потребите на вработените. Едноставно ќе ги избркате и ќе го продадете имотот. Но, Владата настојува да најде механизам со кој поголем број вработени, по можност и сите, би ги задржале работните места. Или би се креирал соодветен пакет за оние кои доброволно ќе одлучат да заминат “, наведе Пешевски. |