05.03.2012, 17:24 Денес земи, утре врати, а сите плаќаме за камати
Државата планира денес да се задолжи за без малку 79 милиони евра, а исто толку утре ќе им врати на банките по основa на достасани записи
Нина Нинеска-Фиданоска
Денес земи, утре врати. Ова стана практика на домашните власти, кои и годинава покажаа дека државата нема намера да престане со задолжувањата на домашниот пазар. И не само тоа, туку прераснува во вообичаена „процедура“ таа во одреден ден да се задолжи, а потоа веќе утредента да враќа пари по основ на веќе доспеани државни записи. Задолжувањата, исто така, речиси постојано се случуваат во деновите пред да треба да се исплатат пензиите, што е извор на шпекулации дека државната каса не е доволно полна и дека затоа се викаат напомош банкарските пари, кои потоа државата им ги враќа со камати.
Конкретен пример е денешниот ден, за кога се закажани три аукции, преку кои ќе се бараат од банките и од други инвеститори дури 78,5 милиони евра. Но, веќе утре треба да се врати идентичен износ, по основ на записи кои доспеваат за плаќање. Денес се организираат три аукции и тоа две на тримесечни записи и една на шестмесечни. На првата аукција на тримесечни записи, со евроклаузула и со камата од 4,1 отсто, државата бара 22,8 милиони евра, а на втората, која е без девизна клаузула и е со камата од 4,2 проценти, се бара двојна сума, од 45,5 милиони евра. На третата аукција, пак, на шестмесечни записи со евроклаузула, државата бара 10,2 милиони евра.
На 13 март ќе се организираат нови аукции на државни записи, е наведено во календарот што се објавува на веб-страницата на Министерството за финансии. Веќе на 14 истиот месец достасува нов износ за враќање.
Ова хронично задолжување на државата на домашниот пазар, кое се случува во последниве неколку години, беше постојано предмет на критики од бизнисмените. Тие сметаат дека на тој начин државата ги прибира банкарските пари кај неа, наместо да се пласираат во форма на кредити кај компаниите, на кои им е неопходна оваа финансиска поддршка. Откако порано стопанствениците прилично гласно ја критикуваа Владата на тој план, сега нивните реакции на извесен начин се стивнати и преформулирани, во смисла дека кога веќе државата мора да се задолжува кај домашните банки, барем тоа да го прави во помал обем.
Но, дали само заробувањето на банкарските средства е единствениот проблем во ваквата државна практика? Податоците покажуваат дека сите македонски граѓани и фирми преку буџетот плаќаат и големи камати за ова државно задолжување.
Поконкретно, оваа година по основ на каматни плаќања за внатрешниот долг од буџетот треба да се искешираат дури 13 милиони евра, покрај 45 милиони евра кои државата треба да ги изброи и за надворешниот долг.
Внатрешниот долг на централната влада, во јануари пораснал на 509,9 милиони евра, во однос на декември лани кога тежел 506,7 милиони евра.
Постојаното задолжување на државата отвора и шпекулации дека буџетот тешко се полни, па тоа е неопходно за да се обезбеди редовна исплата на платите на административците и на пензиите. Но, од Министерството за финансии демантираат дека има такви проблеми. Конкретно за јануари 2012, министерот Зоран Ставрески изјави дека приходите биле повисоки од оние остварени во истиот месец минатата година, па затоа тој сега не гледа потреба да се размислува за ребаланс на буџетот. |