09.09.2012, 17:50 Сеќавање пред „стројот за стрелање“
Коста Балабанов, кого Комисијата за лустрација го прогласи за соработник на службите, се обидува да докаже дека на лагите, преточени во посебни извештаи на УДБА, им немало крај
Наум Котевски
Историчарот на уметност, 83-годишниот Коста Балабанов, кој беше меѓу првите 11 лица кои на интернет-страницата на Комисијата за верификација на факти беа означени како соработници со тајните служби, во писмото упатено до редакцијата на „Утрински весник“, се обидува да докаже дека на лагите, преточени во посебни извештаи на УДБА, им немало крај.
Исправен пред „Стројот за стрелања“, како што и го насловува Балабанов писмото, и ставен во улога, како што вели, слична на таа што ја имал полковникот Аурелијано Буендија од романот на Маркес „Сто години самотија“, историчарот го става акцентот на контрадикторноста во обвинувањата.
„Од решението на Комисијата за верификација на факти разбрав дека сум обвинет главно за три посебни дејства. Прво дека, наводно, сум учествувал во 1948 година во расчистување на една ванчомихајловистичка (ВМРО) група во гимназијата во Штип, чии членови биле осудени, а членовите на друга, иста таква група, поминале со опомена. Второ било учеството во разбивање на припадниците на дијаспората, со особена сконцентрираност на интелектуалци во западноевропските земји. И трето, за горенаведените активности сум бил награден со патување во Бугарија, каде што сум ја подготвувал мојата докторска дисертација“, вели Балабанов пред да тргне во демантирање на деловите од решението на Комисијата за верификација на фактите, на чиј дневен ред денеска треба да бидат тројца наредбодавци.
Според Балабанов, станува збор за тенденциозни конструкции и срамни лаги.
„Прво, ванчомихајловистичките групи во штипската гимназија не биле осудени во 1948 или 1949 година, туку во 1946, кога јас сум бил во шести клас, а некои од осудените, дури и не биле ученици во гимназијата. Затоа, веројатно, составувачите на текстовите ��о моето полициско досие, не споменуваат ниту едно име и презиме на кодошените, туку едноставно се служат со воопштување: ванчомихајловистичка група. Второ, кога прочитав за најтешкиот ’факт’ со кој сум обвинет, дека, наводно, сум бил користен за разбивање на дијаспората, најпрво се надувава како балон, се разбира од гордост и самољубие“, додава Балабанов во писмото. Историчарот, кој во 1955 година ја објави книгата за истражувањата во Топличкиот манастир, и оттогаш до денес објавува повеќе од 200 стручни и научни трудови, како и 24 книги за средновековната уметност, не можел да претпостави дека тој бил, за разлика од Алекса Жуниќ, срескиот шпион од „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ, ни помалку ни повеќе, европскиот шпион.
„Арно ама гордоста и надуеноста брзо ми спласнаа, откако дојдов до сознанието дека во тие години што се споменуваат во решението или во кои било други години, немам посетено ниту една западноевропска држава, град или село, и дека не сум сретнал во животот ниту еден, каков било, млад или стар интелектуалец од дијаспората и тоа од многу проста причина: не сум поседувал пасош. И тие што поседувале пасошите им биле чувани во полицијата. Второ, никој не ме испраќал во Западна Европа. Трето сам не сум можел да финансирам една таква „патриотска дејноста“ и, четврто, од 20 ноември 1952 година сум вработен во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, па едноставно во исто време не сум можел да бидам во Западна Европа и на терен низ селата во Македонија, каде што евидентирав икони по црквите“, потенцира Балабанов. Тој тврди и дека стипендијата за престој во Бугарија ја добил врз основа на учество на конкурс, распишан од Сојузното извршно собрание на СФРЈ за 1959/60 година, а, никако, како што стои во решението, како награда за кодошката дејност.
„Во решението стои и дека во Бугарија сум ја подготвувал докторската дисертација. Ниту сум ја пишувал ниту сум ја бранел таму. Таа е бранета на Универзитетот ’Св.Кирил и Методиј’ во Скопје и тоа во 1965 година“, посочува Балбанов, кој смета дека непријателите на државата, во најголемиот број случаи произведуваа самите офицери на УДБА, удобно сместени во своите канцеларии.
Според него, лустрацијата, онака како што се спроведува во Македонија, може да се толкува на повеќе начини. Но, да се разбере, потенцира Блабанов, може само на еден начин, и тоа со посредство на приказната што во својата прочуена „Историја“ ја има запишано Херодот од Халикарнас, некаде во 5 век пред новата ера.
„Перијандер имал голем проблем со владеењето во Коринт. Не знаел како да ги држи граѓаните во покорност. Затоа решил да побара совет од тиранот Трасибул. До него испратил гласник, по кој го запрашал: кое е најсигурното средство со кое еден град може да се држи во покорност. Трасибул го однел гласникот надвор од градот, односно до ниви засеани со пченица. Додека го прашувал гласникот со каква цел дошол во Коринт, Трасибул со раката постојано ги кинел класјата за кои гледал дека ги надвишуваат другите, се' додека не ги искинал највисоките и најубавите. Потоа Трисубал му рекол да си оди, без притоа да му каже ниту еден збор, како одговор на поставеното прашање од Перијандер. Кога гласникот се вратил Перијандер едвај чекал да ја слушне формулата за успешното владеење. Гласникот му кажал дека не добил одговор и дека не може да се изначуди зошто бил пратен кај некој лудак кој кинејќи ги најубавите класја, самиот себеси си направил зијан. Но, потоа детално му раскажал на Перијандер што се видел кај Трасибул. Перијандер веднаш сфатил што значело кинењето на класјето. Советот бил да ги убие сите најугледни луѓе во градот, оние што преостанале од прогонот што го вршел неговиот татко. Тој тоа многу успешно го сторил“, потсетува на приказната Балабанов, не заборавајќи да нагласи што се вели на нејзиниот крај: „Таква ви е тиранијата и таа со себе носи такви стравотии“. |