Дарко Башески поднесе оставка од „Еуроимаж“

„Еуроимаж“ ја запре исплатата на сите филмски дистрибутери во Македонија. Штетите од скандалот се огромни
Тина Иванова
„Јас правно сум ослободен од одговорност, но не и морално. Очекувам ’Еуроимаж‘ што поскоро да го расчисти случајот“, рече директорот на Филмскиот фонд и досега македонскиот претставник во „Еуримаж“, Дарко Башески, на вчерашната прес-конференција. Башески поднесе оставка од претставничкото место во „Еуроимаж“ и како што истакна, ќе се заложи функцијата на идниот претставник од Македонија во Европскиот филмски фонд да биде платена, зашто, како што рече, носи голема одговорност.
Тој се обиде да обелодени некои информации во врска со проневерените повеќе од 200 илјади евра од дистрибутерите што потпишале договор со „Еуроимаж“ за прикажув��ње на европски филмови, а кои не биле прикажани во киносалите. Инаку, „Еуромаж“ ќе прави ревизија за целиот овој скандал, по разоткривањето на злоупотребата на европските пари што неколку дистрибутери ги зеле за прикажување филмови во Македонија, а не ја исполниле обврската. Веќе е стопирана исплатата за сите дистрибутери од Македонија, вклучувајќи ги и тие што не се спорни.
Башески, на вчерашниот прес, информираше за текот на истрагата и ги презентираше преписките помеѓу бордот на „Еуроимаж“ со некои македонски инстанци, како и писмата на Филмскиот фонд до дистрибутерите од кои досега нема одговор. Тој истакна дека Министерството за култура веќе ја почнало ревизијата на неговото работење и дека ќе ги разгледа сите документи и регулативи за да ја утврди реалната состојба.
„Како што најавив, поднесов и пријава до Антикорупциската комисија и до Финансиската полиција, од кои барам да ја ревидираат мојата работа и мојот имот и финансиска состојба. Ако какви било пари се појавиле од некаде, би биле видливи“, рече Башески.
Пред новинарите, тој ја појасни и процедурата за поддршка од „Еуримаж“, каде што седумчлена комисија ги разгледува апликациите на дистрибутерите и ги избира и потенцираше дека тој не членува во комисијата, иако имало алузии дека влијае на изборот на дистрибутери за поддршка. „Жал ми е што некои медиуми побрзаа да ме оцрнат, прозивајќи ме за соучесништво во криминалот на дистрибутерите и што негативно се огласи мојот претходник, иако јас него не го спомнав за злоупотребите кои датираат од поодамна. Ги жалам сите новинари кои си ја зацрнуваат душичката брзајќи некого да оцрнат со цел да направат што поспектакуларен прилог за својот медиум презентирајќи лаги или недокажани претпоставки“, рече Башески. Тој додаде дека не е исклучено и намерно да е вовлечен во скандалот со парите од „Еуроимаж“, зашто конкурсот за нов директор на Филмскиот фонд на Македонија е во тек. „На некои филмаџии не им одговара транспарентност и повратни информации за добиените пари. Некои новинари, па и филмаџии се можеби инспирирани од слични активности кои се случуваа во Бугарија, на пример, каде што претежно новинари аутсајдери и невладини организации и филмаџии научени да работат со големи пари од претходниот систем, правеа притисоци дотаму што на крајот директорот на Филмскиот центар на Бугарија си поднесе оставка“, рече Башески.
Тој истакна дека на одборот на „Еуримаж“ му пишал и Горјан Тозија, претседателот на Друштвото на филмските работници на Македонија, кој одговорноста ја лоцирал кај Башески, како што рече, зашто на документите стоел неговиот потпис. „Јас на Горјан Тозија ќе му порачам, наместо да се жали за ’некоја мистична блокада‘ на Вардар филм и да обвинува дека некој сака да го згасне, да открие кој и зошто ги направил долговите што повеќе од десет години ја блокираа продукцијата. Работите може да се расчистат ако ДФРМ го сака и го побара тоа“, рече Башески.
Да потсетиме, средства од „Еуроимаж“ добиле 13 диструбутери, од кои четири не работеле законски. Проневерени се над 200 илјади евра, од страна на дистрибутерските куќи „Медија фактори“ (24.500 евра), „Еуро филм“ (34.200 евра), „Арена филм“ (65.000 евра) и „Балкан филм“ (85.500 евра). Договорите со продуцентските куќи Башески ги потпишувал, како што рече пред неколку дена, „на доверба“. |