Аптекарите и лекарите си играат пинг-понг со пациентите

Едните строго бараат исправност на рецептите, другите се' уште се учат со печатените рецепти
Јасмина Јовановска
И по еден месец од воведувањето на печатениот рецепт, пациентите се шетаат и се малтретираат додека да ги подигнат неопходните лекови од аптеките. Се' уште има болни што се враќаат кај матичните лекари поради непотполни печатени рецепти. Едни се враќаат зашто немале печат од кој специјалист е препорачан лекот, други затоа што недостигал начинот на дозирање. Аптекарите и матичните лекари едноставно си играат пинг-понг со нас, реагираат пациентите. Аптекарите се се' построги во исправноста на рецептите, бидејќи Фондот за здравствено осигурување потоа нема да им ги признае непотполните рецепти и тие ќе мораат да ги платат од свој џеб. Матичните лекари, пак, се' уште се адаптираат на новината со печатените рецепти, па се можни одредени пропусти поради тоа.
„Ме вратија од аптека затоа што на рецептот лекарката заборавила да отпечати како треба да се прима од лекот. Па, мајка ми со години го корист лекот, како можам да не знам. Мора ли толку да се формализира со рецептите. Или е ова само малтерирање како болните побрзо да се откажат од лекот на товар на Фондот и да го купуваат приватно“, револтирано раскажува ќерката на една пациентка и прашува дали и болните треба да знаат дали рецептите се потполни или не. Таа морала да се врати кај матичната лекарка за да и' издаде нов рецепт и коментира дека колку повеќе се осовременува здравството, толку повеќе се комплицираат работите.
Покрај тоа што од аптеките се враќаат пациенти поради нецелосно пополнети рецепти, има и такви случаи на пациенти на кои не им се издава лекот, бидејќи аптекарот, како што се жалат болните, бара влакно во јајцето. „Не сакаше да ми го даде лекот, иако на рецептот кој беше рачно напишан имаше факсимил на лекарот“, се жали пациент од Скопје, кој вели дека се' повеќе аптекарите се изживуваат со болните. „Прво ми рече дека нема потпис на лекарот. Си реков, замената ми ги даде, па можеби заборавила да стави печат од лекарот. Но, кога подобро ѕирнав, видов дека има факсимил. Сепак, аптекарката и натаму не сакаше да ми го даде лекот, зашто потписот не бил ставен на означеното место, туку малку погоре“, објаснува овој пациент, кој боледува од астма. За него ова шетање на релација аптека - матичен лекар само може да му ја влоши здравствената состојба и прашува зошто толку се детализира посебно за рецептите за хроничните пациенти.
Аптекарката му објаснила дека така и' наредила шефицата, да не прима вакви рецепти, поради тоа што во Фондот не им ги признавале, па потоа овие лекови ги плаќале од сопствен џеб. „Речиси неколку часа мораме да проверуваме дали лекарот работи со сини картони, зашто има и такви случаи, им се издаваат рецепти, а лекарот нема право да препишува лек со сини картони, бидејќи го раскинал договорот со Фондот. Постојано сме под притисок, зашто Фондот инсистира стриктно да се почитува пополнувањето на рецептот“, објаснува една аптекарка. И други аптекари велат дека мора да бидат внимателни, зошто Фондот така им наредува.
Матичните лекари велат дека се трудат максимално рецептите да бидат пополнети и да не се враќаат пациентите.
Од Здружението на приватни лекари тврдат дека нема проблеми со издавање на печатените рецепти. „Се слушнав со координаторите на околу 90 отсто од матичните лекари и сите функционираат без проблеми. Мора да се почитуваат правилата и мора да биде пополнет правилно рецептот. Па, во секоја држава има режим на препишување лекови. Ако нема начин на дозирање, можеби било поради слаб тонер и не се отпечатил тој дел. Не може да нема начин на дозирање. Тоа се програми во кои на рецептот мора да има се'“, објаснува претседателот на Здружението на лекари-концесионери, Лиле Чолакова-Дервишева.
Од Фондот за здравствено осигурување не знаат за проблемот и не сакаат да коментираат за ваквите случаи. „Ќе се провери, па потоа ќе се изјасниме“.
Проблеми поради замена кај лекарите
Со печатените рецепти, како што велат во Здружението на лекари-концесионери, има проблем кога треба да ги издаде лекарот-замена на матичниот лекар. Ова посебно се јавува кај матичните лекари и кај нивните замени кога не се совпаѓаат со компјутерските програми. Таков проблем, на пример, има со матичните лекари и нивните замени во Тетово. „Пациентите не се оставаат без рецепти, но лекарот губи време да го внесе пациентот во својата програма. На матичните лекари им сугерираме пред да заминат на одмор, да издаваат доволно рецепти додека да се вратат“, објаснува д-р Чолакова-Дервишева. |