Либија
Новинари ги пронајдоа заробените Срби
Триполи, 11:12, 29 август 2011 - Двајца новинари од рускиот весник „Космомолска правда“ успеаја да стапат во контакт со петмината Срби кои беа уапсени од либиските бунтовници под обвинение дека се снајперисти-платеници.
Руските новинари потврдија дека српските државјани се наоѓаат во импровизиран затвор во Либија каде спијат на под, но кон нив бунтовниците се однесуваат коректно, не ги малтретираат и им даваат храна.
Весникот покрај текстот за заробените државјани на Србија ги објави и нивните фотографии.
Руските новинари до нив успеале да дојдат бидејќи го интервјуирале бунтовничкиот шеф на аеродромот во либискиот главен град Абдулаким Абдулгарад.
Уапсените Срби тврдат дека во Либија дошле да работат на 12 август на поправка на патиштата за српско-либиската компанија „Зазура“ и дека им е ветена одлична заработувачка.
Тие велат дека се уапсени на една барикада кога вооружените луѓе ги виделе нивните пасоши и ги обвиниле за помагање на Гадафи, но дека успеале да побегнат, по што се криеле по куќите во Триполи.
Потоа, како што велат, му платиле на еден таксист 500 евра да ги однесе до српската амбасада, но на првата барикада повторно биле уапсени под обвинение дека се снајперисти.
Бунтовниците на уапсените им рекле дека наскоро ќе бидат префрлени во Зинтан, град во западниот дел на Либија, и ќе бидат пуштени дома „ако се биде во ред“. (МИА)
|