Сторија
Принцот Хари во дискотека на Хвар
Под наслов „Како го напив принцот Хари“ денешна „Слободна Далмација“ ја пренесува фото-сторијата на хрватскиот фоторепортер Дамјан Тадиќ кој ја имал „честа“ да го придружува младиот британски принц на неговото лудување низ Хвар.
-Веќе спиев кога ме повика еден пријател. Беше околу еден часот по полноќ и ми рече дека принцот Хари е на плоштадот. Веднаш скокнав, истрчав таму и навистина го видов - ја почнува приказната фоторепортерот Тадиќ.
Тој открива дека никој не го препознал принцот и не реагирал, но кога се фатил за фотоапаратот дошло личното обезбедување на принцот Хари и го замолиле да не слика. Но, тука почнува приказната. Принцот Хари започнал разговор во кој признал дека му е тешко оти не мо��е да се забавува додека сите го прогонуваат, па на предлогот на хрватскиот фоторепортер кој на шега се пожалил дека нему му е дури и потешко, да се намести за да го фотографира, принцот настапил со нов предлог - да одат на пијачка.
- Го одведов во кафулето „Сидро“, каде исто така никој не го препозна. На главата имаше капче, па веројатно поради тоа луѓето не забележаа за кого се работи. Седнавме. Од келнерот нарача две дупли виски и две дупли вотки. Мислев дека уште некој треба да седне со нас, можеби некои негови од придружбатга или пријатели, но Хари ми рече „Мораш ова да го испиеш. Сега можеш да кажеш дека си пиел со принцот“ - открива фоторепортерот Тадиќ и додава дека за неполни дваесет минути се испиле две тури дупли вотки и дупло виски, според него чудна комбинација која за среќа му дала можност да направи неколку фотографии.
Принцот после пијачките изразил желба да оди во диско па забавата продолжила во „Венеранда“, каде повторно никој не го препознал, и иако ветил дека нема да го слика Тадиќ после трите пада на принцот во базенот ја искористил шансата да го овековечи. Сликајќи под лошо осветлување, без блиц за да не биде забележан Тадиќ стана фоторепортерот кој ја овековечи лудата ноќ на принцот Хари на Хвар, која траела до пет наутро и завршила според неговите зборови со ракување.
|