Број 2993  сабота, 23 мај 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter

Мислења

Германски јубилеи

Улрике Марија Кноц

Германија ја постигна својата национална цел, обединување, преку прагматизам, отстапки, компромиси, пријателства и сојузништво

Годинава Германија ќе слави две јубилеја: пред 60 години, на 23 мај 1949 година, Уставот на Сојузна Република Германија стапи во сила. Пред 20 години, на 9 ноември 1989 година, падна Берлинскиот ѕид.

Роденден на денешна Германија е 23 мај 1949 година. По Втората светска војна, во победената Германија владееја таканаречените „четири сили“ - САД, Велика Британија, Советски Сојуз, Франција. Денес би се рекло дека во тоа време меѓународната заедница беше на власт во Германија.

Кога во 1949 г. уставот („Основниот закон“) стапи во сила, Германија го врати поголемиот дел од својот суверенитет, меѓутоа, само оној дел кој беше под управа на трите западни сојузници. Истата година се конституираше оној дел кој беше под управа на Советскиот Сојуз како Германска Демократска Република. Со тоа, 1949 година претставува и година на поделбата на Германија на две држави.

Четириесет години потоа, на 9 ноември 1989 година, падна Берлинскиот ѕид, а помалку од една година подоцна двете германски држави повторно се соединија во Сојузна Република Германија.

По завршувањето на Втората светска војна, Германија, во секој поглед, се наоѓаше на најдолната точка од својата историја. Материјално, политички и морално, земјата беше целосно уништена. Потребен беше процес на повторно воспитување на Германците за демократија и правна држава, а за тоа особено се ангажираа САД.



Често ме прашуваат како беше можно Германија за релативно кратко време повторно да стане угледен и влијателен член на семејството на народите и, дури да успее во тоа, на мирен начин повторно да постигне единство.

Одговорот на ова прашање го даваат историчарите, а секако дека многу фактори играа одредена улога. На пример, германското општество можеше да се надоврзе на сопствени демократски и правно-државнички традиции, кои беа потиснати од страна на национал-социјалистичките владетели, меѓутоа, тие не беа избришани. Голем број Германци, исто така, беа жртви на режимот.



По завршувањето на Втората светска војна, германската вина беше целосно несомнителна - вина за војната и за злосторствата, кои досега беа незамисливи - геноцид врз 6 милиони европски Евреи.

Германците немаа никаква шанса да се чувствуваат како жртви. Тие знаеја: ако повторно сакаат да бидат респектирани, сами мора активно да се потрудат за тоа.

Очигледен парадокс на современата германска историја е фактот дека Германија не ја постигна својата национална цел, обединување, преку националистичка политика, туку со спротивното: преку прагматизам, отстапки, компромиси, пријателства и сојузништво.

Обединувањето стоеше како цел во Уставот од 1949 година. Сојузна Република Германија сама се дефинираше како провизориум. Во 50-тите години на минатиот век, меѓу двата блока, опцијата на една обединета Германија изгледаше остварлива. Меѓутоа, сојузниот канцелар Конрад Аденауер се залагаше за интеграција на Сојузна Република Германија во западниот систем на државите. Германија стана една од шесте членки-основачи на Европската заедница и му пристапи на НАТО. Се чинеше дека со тоа целта, германско единство, многу се оддалечи, а Аденауер беше критикуван од голем дел од населението. Меѓутоа, тој, всушност, покажа способност за лидерство. Кога во 1989 година падна Берлинскиот ѕид, повторното германско соединување не беше блокирано од ниту една држава. Тоа не се подразбираше тукутака, бидејќи обединувањето значеше дека наеднаш повторно се појавила една голема земја во срцето на Европа. Меѓутоа, Германија, во изминатите 40 години т.е. пред обединувањето, се здоби со углед, доверба и со добри пријатели.

„Источната политика“ на сојузниот канцелар Вили Брант на почетокот на 70-тите години на минатиот век, исто така, остави впечаток дека се збогува со целта -соединување. Источната политика значеше целосно п��изнавање на постојните граници, а со тоа и загуба на територии кон Полска и Советскиот Сојуз. Де факто тоа значеше и признавање на Германска Демократска Република како втора германска држава. На почетокот, поголемиот дел од населението беше против Вили Брант, а тој мораше да се докаже како лидер. На крај, историјата го потврди Брант. Неговата „Источна политика“ го овозможуваше таканаречениот Хелсиншки процес т.е. институционализирани процеси на соработка меѓу двата блока. Од особена важност беше човечката димензија т.е. поголем проток на лица и циркулација на идеи. Луѓето во комунистичките земји во Источна Европа можеа да создаваат поголем простор за критика и протест. Берлинскиот ѕид и комунистичките режими во Југоисточна Европа паднаа благодарение на мирните протести на луѓето. Без „Источната политика“ на Вили Брант, историјата можеби ќе се одвиваше поинаку.



Интересен аспект на современата германска историја е прашањето во врска со бегалците. Околу 12 милиони Германци од Средна и од Источна Европа биле протерани последните месеци од војната, а и потоа. Околу 20 отсто од германското население ги има своите корени во Средна и во Источна Европа. Без никакви средства за егзистенција, бегалците пристигнале во окупирана Германија. Таму тие многу брзо и добро се интегрирале и придонеле во голема мера за таканареченото „економско чудо“ во 50-тите години. Секако дека страдале поради загубата на својата татковина и на своите имоти. Меѓутоа, ниту една германска влада, дури ниту за време на изборните кампањи, не постави барања во нивно име, на пример, до Полска или, пак, до Чехословачка. И денес темата бегство и протерување се' уште е чувствителна и предизвикува иритирање. Меѓутоа, многу раселени лица, односно нивните деца и внуци, на продуктивен начин се справуваа со својата носталгија по татковината и тие денес претставуваат важен мост на пријателство и соработка со нашите источни соседи.

Германската историја меѓу 1949 година и 1989 година се одвиваше под мошне специфични услови. Појдовни точки беа поразот и вината, а рамката Студената војна. Оваа историја не претставува добра основа за споредби или за поуки. Меѓутоа, за нас, Германците, важи: кога ќе се свртиме и ќе погледнеме назад на последните 60 години, чувствуваме - ние имавме среќа. Благодарни сме им на нашите пријатели, но си дозволуваме и малку гордост за нас самите.

(Авторката е германски амбасадор во Македонија)


Статијата е прочитана 490 пати.

Испрати коментар

Од: Goran Kumanovo
Датум: 23.05.2009 12:22:50
Pocituvana Gospodzo Knoc tekstot vi e dobro osmislen i poucen samo dzabe vie pisuvate i im otvarate oci na nekoi sutraci kako treba da se raboti za da se postigne nesto tie se gluvi i nepismeni. Nam ovde ne ni e bitno zdruzuvanjeto tuku razdruzuvanjeto na narodot. A toa im odi vo korist na dvata golemi politicki giganta VMRO i SDSM bidejci beskonecno mozat da go vlecat za nos ovoj narod koj patem receno mozebi i zasluzuva takva vlast bidejki nemase hrabrost sive ovie godini da se digne na noze i na kloci da gi izbrka i ednite i drugite i konecno ne se najde ni eden nekompromitiran politicar koj ke ja povede zemjata vo progres i blagosostojba ne se najde politicar koj ke gi obedini ludzeto. Nikako da se osvestime deka sive ovie godini samo talkame i tapkame vo mesto. Vas vi blagodaram gospodzo Knoc na tekstot no veruvajte mi deka dzabe ste pisuvale nikoj toa ne go cita ne osobeno onie koi treba da go procitaat i da se zamislat kade i kako ja vodat zemjata.
Од: BS
Датум: 23.05.2009 14:43:05
Ви ја честитам годишницата, навистина покажавте дека моменталните негативни флешови од ��инатото не можат да оптоварат една нација која има големи уметници и умови кои придонесое на развозот на целото општество низ вековите. Но интересно дајте совет за делот што мене лично ме заскокотка а тоа е дали и Македонија во уставот треба да постапи слично да се дефинира како земја со привремено државно уредување и намера во иднина кога ќе се склопат коцките да постапи како Германија да си постави цел обединување на сите делови. Дали затоа не само Геманија туку и други земји молчешкум поминуваат преку Призренскиот договор на Албанците???? Почитувана знам дека сте горди и ја ценам особено Германија но внимавајте во начинот на изјавите на еден оптертен со историја терен како што е Балканот, затоа што ќе ве пречекаат со прашање Што е следно Алзас или дел од Чешка. Македонците веќе вградија во својот генетски код дека сакаат мир и заедничко живеење со сите....
Од: don kihot
Датум: 23.05.2009 20:56:14
Cestitki, do Marija i Germanskiot narot, za jubileot na Germanskata Drzavnost od 60 godini, so zelbi da prodolzat so ist elan , da bidat primer na demokratia i ekonomski razvoj vo Evropa i Svetot, i mnogu goleme blagodarnost, sto edna vakva zemja e nas, podrzuvac vo Evroatlanskite Strukturi.Makedonia e eden od vasite prijateli.
Од: anastas talevski
Датум: 23.05.2009 22:06:01
ne site od 12-te milioni germanci bile proterani. 200 iljadi germanci od teritorijata na nezavisna drzava hrvatska so dogovor megju hitler i pavelic se iseleni 1942g. vo germanija pod somnenie deka se srpski simpatizeri (dogovorot bil skluchen pri posetata na pavelic na hitler vo germanija 1942g.). ist slucaj e i so tri milioni germanci od baltickite zemji vo sovetskiot sojuz koi hitler gi iselil vo polska i shlezija oti i tie (kako shto smetal hitler) bile prorusko nastroeni.
Од: Болен М. Дојчин
Датум: 24.05.2009 09:44:36
Интересни видувања... и честитки за јубилејот. Се поставува прашањето, како тие кои беа за обединување на Својата држава беа и првите кои ја признаа делбата на другите (Југославија)?! Зачудува и набројувањето (постојано) на 6 милиони Евреи и отсуството на 20 милиони Руси, 1.6 Јужни Словени (половината се Срби), Роми... Геноцидот е извршен и врз Словените, но намерно се одбегнува нивното спомнување. Економското „чудо“ (во 50-тите) е финансирано (намерно) од САД-капиталот (кој успешно, до `43 го финансираше и Хитлер), за да се промовира „успехот“ на демократијата. Дури и обединувањето е остварено по Налог на Новиот Поредок. „Источните“ Германци се сèуште граѓани од втор ред. Забраната за тргување со Русија, која важи и денес, успешно се применува. И ретро-прашањето: Зошто најголемиот дел од Нирнбергшките осуденици се пуштени (набргу) на слобода? Или, зошто е бомбардиран Дрезден, а е одбегнато бомбардирањето на Рурската област?
Од: девичанецот
Датум: 24.05.2009 14:34:56
Ваша екселенција, Сепак написот Ви е едностран. Ни буква за загинатите Словени по потекло, Руси, Пољаци, Срби, Украинци... Само шест милони евреи и ништи друго. А за германскиот придонес за распадот на Југославија и пребрзото признавање на Хрватска и Словенија... и сега на Косово?Вие се обединивте и тоа е добро. Обединувањето секако е добро. А спротивно на таа Ваша теза, добро е и распарчувањето на Југославија, за Вас.. нели? А другите кој ги прашува... И кажете колку оружје од арсеналите на бившата ГДР и поклонивте на Хрватска? Подржувајќи ги националистите на Фрањо Туѓман?

Најди! во Утрински
Насловна
Бендевска треба да плати 11.000 евра за клевета на Коњановски
Карикатура
Дипломатски фаул во односите со Австрија
Серија земјотреси во Струмичко
Лекарски игри со очните прегледи на бебињата
Парадигмата на Маневци
Tајна средба на најбогатите луѓе во светот во Њујорк
Битка за „кралството“ на Надал
Русија се сомнева во „источното партнерство“
Пратеници - измамници
Социјалдемократите подготвени за Црвенковски
Визите ќе се укинат идното лето?
Кирилица на Интернет
Грчкото лоби го притиска Барак Обама за Македонија