Ролан Гарос: Битка за „кралството“ на Надал
В недела почнува Ролан Гарос. Федерер во мисија првпат да го освои Париз, дали Сафина заслужено е број 1
Роберт Димитриевски
Тамам кога изгледаше како губење време за сите што макар и помислија да му го оспорат приматот на Рафаел Надал на Ролан Гарос, Роже Федерер фрли сенка врз очекувањата Шпанецот да стане првиот тенисер со пет триумфи во низа на Отвореното првенство на Франција што ќе почне в недела. До финалето на Мастерсот во Мадрид во неделата без малку сите беа подготвени да се обложат на популарниот Рафа, но тогаш Роже конечно најде начин да го запре на земја доминантниот мајорчанец. Покрај тоа што го освои својот прв турнир сезонава, таа победа му ја врати разнишаната самодоверба на Швајцарецот по катастрофалниот пораз од 6-1, 6-3, 6-0 токму од Надал пред една година во Париз. Имајќи ги предвид и двата депримирачки пораза во пет сета во финалето на Вимблдон лани и на Австралија опен во јануари годинава, сосем разбирливи беа солзите на Федерер при доделувањето на трофеите во Мелбурн. Неверојатната серија на Надал натера многумина, вклучувајќи го и Андре Агаси, да типуваат дека тој ќе ги освои сите четири Гренд-слем турнири год��нава, но Федерер има намера да го спречи во тоа.
„Кога некој ќе го освои Австралија опен, а негова подобра подлога е земјата, тогаш сигурно има големи шанси да оди на два од два“, смета 27-годишниот Швајцарец, кој ги загуби сите финални дуели со Надал во Париз минативе три години. „Но, јас се доближив многу бл��ску неколку пати, па нема да му биде баш толку лесно да успее. Има момчиња што не сакаат да му дозволат да го стори тоа, а јас сум првиот меѓу нив со таква намера“.
Федерер ја брка својата 14. Гренд-слем титула, со што би го израмнил рекордот на Пит Сампрас.
„Се' до пред неколку седмици не бев сигурен во врска со мојата игра, ниту дали можам да го освојам Ролан Гарос. Сега, пак, сум многу возбуден околу настапот во Париз“, вели Роже.
Победата над светскиот рекет број еден на повисоката надморска височина во Мадрид, каде што земјениот терен е побрз, сепак, тешко дека ќе има некакво значење во француската престолнина, во која Надал е неприкосновен. Тој има четири титули од четирите настапи досега, па шансите некој да му ја прекине таа низа се чинат исклучително мали.
„Единственото важно нешто во врска со денешниот резултат е тоа што имам освоено само 15 Мастерс-титули, а не 16“, изјави Надал во неделата, кога Федерер му го нанесе само петтиот пораз во 155 одиграни меча на неговата омилена површина од 2005 година наваму. „Ролан Гарос е целосно поинаков турнир, со целосно поинакви услови. Имам една седмица за да се подготвам“.
Федерер ја прекина серијата од 33 победи на Надал на земја, но многу блиску да го стори тоа беше и Новак Ѓоковиќ. Србинот, кој вчера наполни 22 години, е најмалерозниот играч со оглед на тоа дека можеше да ги освои сите три Мастерси на земја годинава ако на нив не налетуваше на Надал. Откако го изнамачи Надал во финалето во Монте Карло и во Рим, тој направи се' освен што не ги искористи трите меч-топки против Шпанецот во полуфиналето во Мадрид.
„Следниот пат ќе земам два рекета кога ќе имам меч-топка и ќе се обидам да удрам со двата од нив. Фрустрирачки е кога ќе одиграте толку добро, а нема да победите“, изјави Ѓоковиќ минатата недела.
Енди Мареј веќе ужива во успешната сезона во која стана прв Британец што се нашол меѓу тројцата најдобри на АТП-листата, но неговите шанси да заигра и во втората седмица од турнирот остануваат скромни, бидејќи уште ја бара својата игра на земја.
На женскиот турнир, пак, многу нешта одат во прилог на Динара Сафина. Додека нејзиниот постар брат Марат полека заминува во пензија, опуштената Динара има совршена можност да докаже на Ролан Гарос дека е легитимен женски рекет број еден во светот. Наречена „Марата“ поради склоноста за губење на нервите кога работите ќе тргнат во лош правец, Сафина, која туку што освои два турнира на земја едноподруго, се' уште нема триумф на Гренд-слем, па некои од нејзините противнички веруваат дека таа не заслужува да седи на престолот.
„Не се станува број еден само со освојување Гренд-слем, туку со победување во текот на целата година“, одговари Сафина пред известувачите од Мадрид Опен, што го освои во неделата. „Минатата година освоив четири турнири, ги победив речиси сите тенисерки од ’топ десет‘, па сметам дека го заслужувам тоа место. Точно, немам освоено Гренд-слем, но имам две финалиња и едно полуфинале. Нема многу луѓе што можат да постигнат таков резултат во една година“.
Кога и' е денот, Сафина е способна да победи секого, како што покажа лани токму на Ролан Гарос, каде што го совлада во тој момент женскиот рекет број еден Марија Шарапова, и тоа откако спаси меч-топка. Таа го повтори тоа и во четврт-финалето, совладувајќи ја Елена Дементиева со 4-6, 7-6, 6-0.
Сафина сега сака да се фокусира на себе со помош на својот тренер Жељко Крајан и на кондицискиот тренер Дејан Војновиќ.
„Од Штутгарт преку Рим до Мадрид условите беа различни. Во Париз одново ќе биде поинаку. Но, за мене тоа не менува ништо. Морам да го задржам истиот модел на концентрација“.
Годинашниот Ролан Гарос би можел да и' ја понуди најдобрата можност досега на 23-годишната Русинка, чиишто противнички не блескаа на земја сезонава. Бранителката на трофејот Ана Ивановиќ се враќа по повредата на коленото, поради која го пропушти опенот во Мадрид минатата седмица и падна на осмото место на ВТА-листата. Србинката има само две победи на земја годинава, но, и покрај тоа, таа изрази оптимизам во врска со своите шанси на вториот Гренд-слем во сезоната.
„Не сум подготвена како што би сакала, но позитивно е тоа што не одиграв многу мечеви ни лани пред Отвореното првенство на Франција“, потсетува Ивановиќ.
Серена Вилијамс, која се смета себеси за вистински број еден во светот, се повлече поради повреда уште во првото коло во Мадрид, изјавувајќи дека само сакала да си ги зачува шансите за Ролан Гарос. Американката не ја прескокна првата пречка ни во Рим ово�� месец, губејќи од Швајцарката Пети Шнидер со 6-2, 2-6, 6-1. Додека Сафина во Париз доаѓа со скор од 13:1 на земја, Серена, која не мрдна подалеку од четврт-финалето во Париз уште од пласманот меѓу четирите најдобри во 2003 година, нема добиено ни еден меч на бавна подлога годинава.
Гладијаторот е во својата арена
Наум Котевски
„Едноставно направи“, е слоганот на гладијаторот, кралот на земјата, Шпанецот Рафаел Надал со кој на 18 август 2008 година го симна од тронот дотогаш неприкосновениот Роже Федерер, кој оваа круна ја држеше на главата полни 237 недели. Во тој момент дефинитивно беа поместени стрелките на совршено прецизниот „швајцарски часовник“ Федерер, кој како и секогаш се потруди да ја прикрие својата нервоза и да каже дека знае колку е часот:„Не сум многу разочаран, сега притисокот е врз Рафа“, кажа тогаш Федерер.
Оваа негова изјава најмногу држи вода кога тенисот се игра на земјена подлога, онаму каде што Шпанецот е неприкосновен и каде е однапред прогласуван за победник. И сосема оправдано. Остриот и агресивен на теренот, а во приватниот живот повлечен и тивок Шпанец, има четири титули по ред на Ролан Гарос, а сега ќе ја брка рекордната петта едноподруго во Париз (Бјорн Борг има шест, но не во континуитет).
Првиот тенисер, токму по Бјорн Борг 1980 година, кој во една година ги освојува и Ролан Гарос и Вимблдон, може да го сакате или мразите, средина нема. Но, никогаш не може да му ги оспорите квалитетите што го прават различен од другите. Иако, ја нема галантноста во ударите на Роже, тој е еден од најголемите борци што воопшто се појавиле во тенисот. Неговата упорност и коректност пленат. Специфичен го прави и играњето со лева рака, иако е деснак, за што највиновен е неговиот тренер и вујко Тони Надал (две лета има минато и во кампот на Ник Болитиери). Тој увидел дека така ќе има помоќен дворачен бекхенд бидејќи ќе биде потпомогнат со „природната десна“, а форхендот ќе има карактеристичен топспин. Таа своја специфика може да ја „сервира“ долго во континуитет поради својата исклучителна физичка сила, која му дава огромна предност во ова време на екстремно исцрпувачки долги мечеви.
Надал, досега го победи Роже Федерер во три финалиња на Ролан Гарос, оневозможувајќи го Швајцарецот да ги освои сите четири големи турнири во кариерата. Тениското ривалство со Роже е едно од најголемите во историјата на овој спорт, а според многумина и најголемо. Тоа се единствени два тенисера што играле во опен ерата седум пати во Грен слем финалиња. Надал има вкупно осум Грен слем финалиња во кои шест пати победувал. Во пет наврати славеше над Федерер (три пати на Ролан Гарос, еднаш на Вимблд��н и Австралија опен), а првата победа на Гренд- слем турнир му е во Париз против Маријано Пуерта во 2005 година.
Двата пораза му се од Федерер на Вимблдон во 2006 и 2007 година.
Има 15 мастерс титули, колку и Федерер, а прв е Агаси со 17.
Големиот фан на Мајорка и на Реал Мадрид., кој како дете бил одличен фудбалер во нападот (на 12 години дефинитивно се одлучува за тенис), верува дека и годинава ќе го одбрани својот двор во Париз, каде славеше во сите 28 меча досега од 2005 до 2008 година.
Надал, кој ги рекламира автомобилите на „Киа моторс“ носи опрема „Најк“, а користи Баболат рекети. Неговата Баболат торба го прикажува неговиот прекар како и четирите кафени ѕвезди кои ги симболизираат четирите титули на Ролан Гарос и едната зелена, која ја симболизира неговата победа на Вимблдон.
Русинката во лов на првиот гренд-слем
Фарко Шакири
Динара Сафина е можеби најоспоруваната тенисерка која се нашла на позицијата број еден во светскиот женски тенис. Зошто е тоа така? Одговор на ова прашање има и самата Русинка, но тој и нема многу допирни точки со тенисот, туку пред се' за базира на можната суета на некои нејзини сопернички. „Претпоставувам дека се љубоморни, затоа што сум млада и на првото место“, резонира Динара. Серена Вилијамс, Американката која на таа позиција беше пред Сафина е децидна: „Се знае кој е број еден во женскиот тенис. Тоа сум јас, а мене може да ме совлада само сопствената слаба изведба, а не Сафина или некоја друга тенисерка“.
Арогантните критики на Серена врзани за статусот на Русинката се извлечени, според неа, од неприфатливиот начин на бодување како и од фактот што Динара Сафина во својата досегашна кариера не запишала ниту еден Гренд-слем, а таа има десет такви потписи. Тоа е неспорен факт, но неспорно е и тоа дека Динара Сафина минатата година играше две гренд-слем финалиња и едно полуфинале, нешто што не им успеало на многу нејзини колешки во текот на целата нивна кариера. Првата позиција во светскиот тенис не е последица само на гренд-слем титули (секако најбитна), туку на континуитетот. А, тој кај Динара Сафина функционира. Минатата година освои четири турнири, а годинава триумфираше во Рим и во Мадрид (нејзина 11. титула), победувајќи ги при тоа тенисерките од топ-10 и секако дека моментално е заслужено на тронот.
Тоа што во моментот е полемика меѓу аналитичарите во светскиот тенис, женски дел, е тенискиот пакет наречен Динара Сафина. Несомнено дека станува збор, пред се', за тенисерка кој влече максимум од својот физички и ментален склоп. За неа не е битна убавината во освојувањето на поенот, туку неговата крајна дестинација, а таа е нејзиното конто, и во тоа успева. Помалку е важно дали тоа и се допаѓа на Серена Вилијамс и на љубителите на уметничкиот тенис. Сведоци сме, не само во женскиот тенис, на невидена рововска битка која ја добиваат само физички најподготвените, најагресивните и психолошко најцврстите тенисерки. Динара е секако дел од нив, односно квалитетно одговара на тој тип бенчмаркови, и затоа е таму каде што е. Годинашниот Ролан Гарос ќе биде поле каде што ќе се расчистуваат многу сметки, џиновски битки меѓу тениските филозофии. Ќе се слушаат многу пискотници од „Сузан Леглен“ преку „Филип Картие“ до „Централ корт“, а сепак, повеќе шанси имаат оние кои ќе ги испуштаат Сафина, Кузњецова, Звонарева, Јанковиќ и повратничката Шарапова, отколку оние на сестрите Вилијамс, Морезмо, кои покрај силата во својата игра практикуваат и тениски виц.
Тенисерите кои можат да ги сопрат Надал и Сафина
Покрај тоа што го освои својот прв турнир сезонава во Мадрид, таа победа на Роже Федерер над Надал му ја врати разнишаната самодоверба по катастрофалниот пораз од 6-1, 6-3, 6-0 токму од Надал пред една година во Париз. „Се' до пред неколку седмици не бев сигурен во врска со мојата игра, ниту дали можам да го освојам Ролан Гарос. Сега, пак, сум многу возбуден околу настапот во Париз“, вели Роже.
„Следниот пат ќе земам два рекета кога ќе имам меч-топка и ќе се обидам да удрам со двата од нив. Фрустрирачки е кога ќе одиграте толку добро, а нема да победите“, изјави Ѓоковиќ минатата недела, по поразот од Надал во Мадрид. Сега се надева дека во Париз тоа нема да му се случи. Доколку оди се според планот пак ќе треба да игра со Надал во полуфиналето.
Енди Мареј веќе ужива во успешната сезона во која стана прв Британец што се нашол меѓу тројцата најдобри на АТП-листата, но неговите шанси да заигра и во втората седмица од турнирот остануваат скромни, бидејќи уште ја бара својата игра на земја
Серена Вилијамс, која се смета себеси за вистински број еден во светот, се повлече поради повреда уште во првото коло во Мадрид, изјавувајќи дека само сакала да си ги зачува шансите за Ролан Гарос. Американката не ја прескокна првата пречка ни во Рим овој месец, губејќи од Швајцарката Пети Шнидер со 6-2, 2-6, 6-1.
Светлана Кузнецова, која е во добра форма и која ја победи Сафина во финалето во Штутгарт, иако седморангирана на ВТА-листата не и' беше достоен противник на својата сонародничка во финалето во Рим. Ланската полуфиналистка Кузнецова, сепак, ги има скалповите на Србинката Јелена Јанковиќ и на Русинката Елена Дементиева на својата листа на победи на земјени терени сезонава.
Јелена Јанковиќ не играше во добра форма на претходните турнири, но вели дека тоа не мора ништо да значи. |