Баросо ја изложи својата политика за добивање нов мандат
БРИСЕЛ - Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, вчера изјави дека ќе се фокусира на извлекување на Европската унија од економска криза и нејзино претворање во посилна светска сила, доколку добие втор петгодишен мандат. Во документот за политиката, со намера да му обезбеди поддршка од Европскиот парламент, Баросо истакна дека неговите приоритети би биле намалување на невработеноста, надгледување на реформите на финансиските пазари и спречување на ефектите од климатските промени.
Баросо (53), исто така, вети дека ќе го зајакне внатрешниот пазар на 27-члената Унија и ќе води силна регулаторна кампања за да обезбеди фер конкуренција меѓу европските компании, доколку обезбеди нов мандат како шеф на извршното тело на ЕУ.
Конзервативниот поранешен португалски премиер веќе доби поддршка од земјите-членки и немаше ривалски кандидат. Меѓутоа, потребна му е поддршката од неговите социјалистички, либералните и од опонентите од Партијата на зелените во 736-членото Собрание на ЕУ за да биде изгласан.
"Европа се соочува со тежок избор во денешниот независен свет. Или работиме заедно за да им одговориме на предизвиците или се осудуваме на неважност", пишува тој во неговата програма на 40 страници. "Двојно ќе ги зголемам напорите за да се оствари амбициозна Европа. Европа која го става народот во центарот на политичката агенда и ги проектира европските вредности и интереси во светот".
Се' уште нема реакции од критичарите на Баросо во Европскиот парламент, каде што веројатно ќе има гласање за две седмици доколку неговата изјава за политиката биде задоволителна. Се очекува тој да се состане со пратениците следната седмица за да дискутираат за неговата програма. (Ројтерс)
|