Минималистички модели од Милано за пролет/лето 2010
Во Милано беа забележани топ-имиња, меѓу кои и Џорџо Армани, Прада, Версаче, Гучи, DиG...
По осум дена на франшизирани шоуа и презентации, Модната недела во Милано официјално заврши завчера, но повеќето интернационални прес-претставници и купувачи веќе беа заминати. Милано отсекогаш бил познат по елеганцијата, сексапилот и носивоста на креациите, додека италијанските дизајнери се препознатливи како уметници на добриот крој. Вообичаено и овој пат во Милано беа забележани топ-имиња што ги претставија колекциите за пролет/лето 2010, меѓу кои и Џорџо Армани, Прада, Версаче, Гучи, DиG... „Плашејќи се дека луѓето ќе дојдат доцна а ќе заминат рано, дизајнерите се одлучија за централните четири дена од Модната недела (23-27 септември)“, изјавија организаторите.
Фрида Џани со „Гучи“ ја отвори ревијата со бел фустан и продолжи во неутрален тон. Гламурозно, спортско, полно со енергија и самодоверба. Бега од досегашниот концепт на хипи и диско девојка - ги употребува белата, црната и сива боја, повремено портокалова и сина. Падобранството и' послужи како инспирација, па во целата колекција во мали детали се повторуваат елементи од овој спорт.
Инспирацијата за пролетната колекција Донатела Версаче ја пронајде во новиот филм на Тим Бартон - „Алиса во земјата на чудата“. „Ми се допадна идејата за земјата на соништата“, изјави Донатела во чија колекција доминираат пастелните бои, принтови, кратки здолништа, барок, сексапил... Иако тежнее да ја доведе колекцијата до некое ново ниво, Версаче останува тренди со кратко, тесно, елементи на кожа и метал, интересни модни додатоци, чевли...
Жил Сандер со едноставност и минимализам ја владееше целата колекција, Ботега Венета ги направи спортските елементи елегантни и софистицирани, Прада има хај-теч фантазија и фотографски принтови, а двојката дизајнери од куќата на Џанфранко Фере внесоа нежност и флуид во секој свој дизајн.
Раф Симонс направи чиста и на прв поглед едноставна колекција за куќата Сандер, а сепак разработена до најситен детаљ. Удобни долги панталони со широки ногавици и сакоа кои совршено паѓаат на рамењата, едноставни црни и бели фустани со прекрасни набрани детали околу градите и боковите.
Драп и бели нијанси, препознатливи едноставни силуети и ронка спортски дух беа основа на новата колекција на Ботега. Спокојната и нежна колекција почнува во спортска, продолжува во елегантна, а завршува во гламурозна приказна.
За пролет Прада не ги комплицираше работите, туку ја пресели својата девојка на плажа. Така креираше облека во која може да функционирате на работа, но подоцна во истата гардероба да продолжите и на некое свое омилено место. Шик и дотерана, со сурферски изглед и сјајни усни, девојката на Прада носи кратко, лесни слоеви, апстрактни принтови... Класичните кроеви ги оживува со сјајни материјали, на деловните костими им дава гламурозен призвук, се поигрува со фотографски принтови на палми и чадори за сонце кои ги аплицира на јакните, кратките панталончиња и долна облека враќајќи не' наназад, во некој ретропериод.
Новата колекција пролет/лето 2010 на Џанфранко Фере си поигрува со формите, наборите и кратките коктел-фустани преполни со волумен. Женствени и нежни, софистицирани меки верзии на костуми и панталони, во неутрални и повремено додавање на црната боја.
По вкупно 97 шоуа, светот на модата се пресели во Париз, кој е последен во редицата модни настани за оваа сезона. Модната недела во Париз завршува на 7 октомври. (К.Ш.)
|