Магазин
Хип-хопот е заштитен знак за бунтовната популација
Тони Зен е рапер кој со години пишува стихови што ја скокоткаат фантазијата
Валентина Тодоровска
Тони Петковски и неговото алтер-его наречено Тони Зен можат да раскажат илјада и една приказна за епско и лирско живеење на младите, невидливите синџири меѓу рапот и хип-хопот, за урбаните и дрските поети кои самите себеси најмногу се инспирираат... Од Факултетот за физичка култура Тони се префрлил на уличниот колеџ, ама не е bad gay. Напротив, овој рапер е романтичен меѓу редови и стабилен на долги патеки.
Првин да слушнам нешто во врска со зен-филозофија - велат се работи за ментално превртување, да си спонтан, сам и свој. Читав за еден Кинез кој раскажува дека пред да почне да се занимава со зен, планините беа планини, а луѓето - луѓе... Значи, прилично инспиративно и интересно. За што ти го врзуваш својот прекар, интерната филозофија...
- Тони Петковски и Тони ЗЕН се две различни личности. Тони ЗЕН ми е алтер-его. Пред да бидам зен, бев само Тони, но откога ги запознав „тошиба кавасаки“ и „хонда сузуки“, посакав да станам зен-мастер. Учителите видоа во мене потенцијал и брзо станав и јас зен - смирен, стабилен, скромен и едноставен. Претходно бев само рапер без карактер, изгубен во времето и во просторот, но со зен-филозофијата и медитацијата се средив некако... Да се разбереме… Иако ја следам и сум пронајден во зен-филозофијата, не значи дека сум будист, длабоко навлезен во источната култура и начинот на живеење. Значи, Тони Зен е православен христијанин што се просветли благодарение на бог и на зен-филозофијата. Звучи интересно, нели? Дури и мојата издавачка куќа ја крстив Simplicity, што е, исто така, зен, едноставност. А, имам и тетоважа на десната рака simplicity, знам и по некоја зен-приказна ама во хип-хоп ремикс....
Од неодамна стана заштитно лице на новиот парфем на „Живанши“. Шминкерски потег. Дали раперите важат за позери?
- Да, по манекените, раперите се најголеми позери и да ти кажам право - ни се може. Пионерите на хип-хоп културата не очекуваа дека хип-хопот ќе достигне глобално движење и ќе стане заштитен знак за креативна и бунтовна популација. Сето тоа е благодарение на најмоќните хип-хоп артисти кои добиваат симпатизери од целиот свет преку позирање, ама, пред се', станува збор за интелигентни урбани поети. Многу хип-хоп артисти се поврзуваат со големи светски брендови и се рекламираат и промовираат, зошто јас да сум исклучок? Во прашање е еден од најдобрите парфеми „живанши“ што го лансираа најно��иот „Плеј“ и луѓето кои се тука одговорни за неговата промоција, ме повикаа за заштитно лице затоа што сум најверојатно адекватен за неговото промовирање. Значи, позер сум, ама не и шминкер и метросексуалец.
Почна да рапуваш од хоби, а потоа урбаните стихови ти станаа најважен дел од животот. Дали рапувањето е начин нештата да ги кажеш онакви какви што се, без обланда и поцинично?
- Преку рапувањето се искажуваат најдлабоките чувства, ама јас никогаш не сум рапувал од хоби, тие таквите се за во канта. Како на многумина рапери, така и мене хип-хопот ми е најголема љубов, верен сум и доследен. Преку рапувањето можеш да си кажеш ама баш што сакаш без разлика дали е сето тоа цинично или не. Хип хопот е култура која пропагира слобода на размислување и говорење и многумина се пронаоѓаат во тоа затоа што преку рапувањето можат да си го искажат задоволството или незадоволството. Секој со својот филм, кој како живее - така и пишува.
Ти помага ли некој во пишувањето? Кој те инспирира за секси стихови?И што по „Стиховна агенда“ и „Урбана димензија“?
- На правиот рап-поет не смее да му се случи некој друг да му ги средува текстовите, ако текстот е напишан со чувства, тоа се препознава и не може да се одглуми лажна порака. За секси стиховите црпам инспирација од девојките, без разлика дали се домаќинки или ’спонзоруши‘. Урбана димензија ќе постои додека постојам јас, затоа што сум коренот на таа група и се' уште соработувам и настапувам со диџеј Чваре, кој наедно е и дел од групата. Албумот „СТИХОВНА АГЕНДА“ беше нашиот прв проект во 2005 година, направив и издадов втор албум што излезе во 2007 година и беше насловен како „СЛУШАЈ”, а во подготовка сум на третиот албум „ВО МОЈ СТИЛ“, кој треба да излезе во декември. На две години издавам албум и сакам да издржам со исто темпо додека ме држи силата. Засега топ ми е, да ти кажам право!
Настапуваш и во Скопје, имаш контакти со младите од целата земја. Која е твојата целна група и колку е силна рап-сцената кај нас?
- Имав, имам и ќе имам настапи, тоа е целта на раперот. Сакам да кажам - со тоа што постојано ќе се анимира публиката, со тоа ќе се шири хип-хопот. Го посетив секое место и местенце во земјава, а моментално сум дел од хип-хоп револуцијата на „Слаткаристика“, која започна во Охрид, продолжи во Штип и Струмица, следуваат уште неколку града, а завршницата е во Скопје . На настапите најмногу не' следат и скокаат тинејџерите, меѓутоа не се исклучок и постарите момци и девојки. На крај, можам да заклучам дека хип-хоп културата во Македонија е во подем и се стреми кон многу повеќе. Задоволен сум и можам да егзистирам од парите што ги заработувам.
Како размислуваш за конкуренцијата? Ценејќи ја твојата автентичност, не очекувам да стартуваш со „конкуренцијата е здрава работа“ и сл. Што мислиш за Врчак, Слаткар?
- Не ни размислувам за конкуренција, не се заморувам со тоа. Мојот фокус е работа и сакам да се грижам за луѓето со кои соработувам, односно за екипата. Со „Слаткаристика“ сме заедно и добро се познаваме одамна, па можам да кажам само убави зборови за дрскиот урбан поет, а за другиот лик - немам коментар.
Дали се' уште го имаш дуќанот за рап-облека? Откаде идеја, дали само етаблирани фанови купуваат кај тебе и, пред се', што значи автентичен раперски дрес-код?
- Едноставно, отсекогаш сум сонувал да имам бутик за хип-хоп облека, па еве сега ми се оствари. Како што вели мојот човек Слаткар: „Нема ништо поубаво кога љубовта ќе ти стане работа“. Знаеме дека сега целата младина е навлечена на урбаниот начин на живеење и урбаното облекување, целта ми е да им овозможам на луѓето кои ја следат хип-хоп културата да изгледаат раперски. Порано импровизиравме без врска за да изгледаме раперски, а сега треба само да влезат кај мене во бутик и да излезат како рапери. Мислам дека со ваков потег се зголемува хип-хоп движењето на нашите простори.
Што мислиш за Еминем? Тој е без влакно на јазикот, а ти изгледаш прилично затворено. Да речеме, немаш проблем со авторитети и сл. Постојат ли предрасуди во врска со тоа какви се раперите?
- Не сум баш голем фан на Еминем, ама, објективно, дечкото е квалитетен и многу итар и вешт MC. Со самото тоа што соработува со еден од најдобрите продуценти на сите времиња ДР. ДРЕ, автоматски значи дека е ѕвер. Не можам да се споредувам со таков артист затоа што живееме и сме растеле во различни општества и различни закони, но не' врзува само хип-хопот, тој се изразува слободно на негов начин, а јас - на мој начин.
За крај, ако телото е храм на душата, што значат твоите тетоважи? Украсување? И, дали поради мускулите и прекарот најсекси маж ти ја потценуваат интелигенцијата? Се обидувам да направам паралела со жените и незаобиколно - ако е убава, мора да е глупава?
- Тетовирањето е како дрога, а јас станав зависник и понатаму планирам да се тетовирам и сум горд на тоа. Тетовирањето е уметност, фантазија, креативност... Симон, кој е одговорен за моите тетоважи, е уметник, а јас решив да насликам неколку уметнички дела на моето тело за кога ќе остарам, да имам преку што да се сеќавам на младоста. Ти текнува, старите луѓе постојано покажуваат и гледаат фотографии... Што се однесува до комплиментите за мојот изглед, постојано ги добивам, а тоа е доказ дека многу вежбам, но има и периоди кога знам да се олабавам, како на пример во овој период. Самиот си знам, сега не заслужувам комплименти. Никогаш не ми се случило некој да ми ја потцени интелигенцијата затоа што вежбам и се трудам да изгледам добро. Нискоинтелигентните секси мажлиња или секси женски лесно се препознаваат. Што да зборувам повеќе? Тие се препознаваат преку глупаво и кич претставување на својот потенцијал. |