08.02.2012, 16:33 Бројки
1,4 милиони евра
За две години откако Македонија е акредитирана за користење средства од ИПАРД програмата за развој на земјоделството исплатени се само 1,4 милиони евра за реализирани инвестиции. А, достапни се вкупно 40 милиони евра. За овој период се објавени пет огласи, но реализацијата на парите од европските фондови оди многу бавно.
4.000 работници
Финскиот мобилен гигант „Нокиа“, кој се соочува со финансиски проблеми, планира да го намали бројот на вработените за уште 4.000, откако производството од Финска, Унгарија и Мексико ќе биде преселено во Азија.
17 милијарди долари
Три јапонски гиганти „Панасоник“, „Шарп“ и „Сони“ ќе забележат во деловната 2011 година загуби од 17 милијарди долари.
116 долари за барел
Тексашката светла нафта за испорака во март на електронското тргување на Берзата во Њујорк поскапе за 83 центи на 99,24 долари за барел, додека марката „брент“ од Северното Море во Лондон поевтини за 20 центи на 116,03 долари за барел.
812,5 милиони евра
Грција заработи 812,5 милиони евра на аукцијата на обврзници со рoк на доспевање од шест месеци со каматна стапка од 4,86 отсто, што е нешто пониска од аукцијата пред еден месец, кога каматата изнесуваше 4,90 отсто.
69,6 милијарди евра
Трговскиот дефицит на Франција достигна рекордни 69,6 милијарди евра во 2011 година.
2,9 отсто
Индустриското производство на Германија во декември опадна за 2,9 отсто во споредба со претходниот месец и тоа во сите сектори, посебно во градежниот, покажуваат објавените податоци на германското Министерство за економија.
13,3 отсто
Стапката на невработеност во Полска во јануари порасна на 13,3 отсто од декемвриските 12,5 отсто и ноемвриските 12,1 отсто, соопшти полското Министерство за труд.
4,2 милијарди франци
Швајцарскиот банкарски гигант УСБ соопшти дека во 2011 година остварил нето-профит од 4,2 милијарди швајцарски франци, што е помалку за 44 отсто во однос на претходната година.
50 отсто
Рускиот гасен гигант „Газпром“ соопшти дека не може да ја покрие зголемената побарувачка за гас, настаната поради многу острата зима во Европа, наведувајќи дека побарувачката за тој енергенс порасна за дури 50 отсто.
465 долари
Острите мразеви што ги заковаа речиси сите земји во Европа доведоа до раст на цената на природен гас. Цената на гасот во понеделникот надмина 465 долари за 1.000 кубни метри, иако на 1 февруари цената на гасот на таа берза чинеше помалку од 350 долари за 1.000 кубици.
71 отсто
Американската компанија „Кока-Кола“ соопшти дека нејзиниот нето-профит во четвртиот квартал од 2011 година е намален за 71 отсто во споредба со истото тримесечје во 2010 година, како резултат на трошоците за реструктурирање.
1 милијарда долари
Најголемиот светски производител на челик „Арчелор Митал“ соопшти дека во последниот квартал во 2011 година остварил нето-загуба од една милијарда долари, што во голема мера е последица на трошоците од 1,3 милијарди долари, кои опфаќаат даноци, оттуѓување имот и реструктурирање на трошоците настанати со затворање на непрофитабилните дејности.
1 долар
Јапонскиот гигант „Мицубиши“ има намера да ја продаде холандската фабрика „за еден долар“, ако купувачот е подготвен да ги задржи сите 1.500 работници, изјави претседателот на компанијата Осаму Масуко.
37 авиони
Европскиот производител на авиони „Ербас“ соопшти дека добро ја почнал оваа година и дека во јануари добил 91 порачка, а дека минатиот месец испорачал 37 авиони.
1,28 милијарди франци
Најголемиот светски производител на часовници и механизми за часовници „Своч“ соопшти дека нето-профитот на компанијата во 2011 година пораснал на 1,28 милијарди швајцарски франци, што е 18,1 отсто повеќе од претходната година. |