08.02.2012, 16:33 Македонски студенти со Шпаркасе на обука во Грац
Најдобрите студенти од Економскиот факултет од Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ ќе конкурираат за едногодишни стипендии за усовршување на Универзитетот во Грац
И македонските студенти ќе добијат можност да се усовршат, да стекнат искуство, дополнително образование, па дури и шанса за градење меѓународна кариера во делот на банкарството.
Најдобрите студенти од Економскиот факултет при скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ ќе имаат можност да конкурираат за едногодишни стипендии за усовршување на Универзитетот во Грац.
Австриската групација Штаермеркише Шпаркасе во соработка со Универзитетот во Грац, ја иницираат програмата „Најдобрите од Југоистокот“ за усовршување и стажирање на студенти и дипломирани лица од областа на економијата, од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија. Целта на оваа програма е да се унапреди образованието, меѓународно искуство и пред се' влезот во професионалниот свет на студентите и дипломираните кадри.
Најдобрите кандидати избрани од секоја од земјите, учествуваат на финалниот избор во Грац. Во зависност од исполнувањето на критериумите се избираат 10 добитници на стипендии за обука или стажирање во траење од 1 година во Грац, Австрија. Рокот за доставување на апликациите е до 9 март годинава, а најдобрите тројца кандидати од Македонија ќе бидат познати на крајот од април.
„Со програмата за стипендирање и Договорот за соработка, воспоставуваме партнерски однос со Универзитетот, со цел размена на информации, искуство и ресурси, унапредување, промоција и поддршка на образованието. Креиравме механизам кој ќе има за цел да ги афирмира младите, талентирани личности, како и да им помогне да добијат јавно признание за својата работа“, истакна Срѓан Крстиќ, претседател на УО на Шпаркасе банка. Тој најави дека соработката меѓу банката и Универзитетот ќе продолжи и во делот на изведување практична настава на студентите во Шпаркасе -Македонија.
И ректорот на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски и деканот на Економскиот факултет Љубомир Дракулевски изразија задоволство што со овој проект им се отвораат вратите на студентите да се докажат и да се афирмираат и да стекнат искуство, па дури и можност полесно да дојдат до работа.
Шпаркасе банка - Македонија последната година стави акцент на општествената одговорност како стратешки приоритет. Акцент се става на развојот на младите и образованието. А во тек се и кампањите „Здрави навики кај младите“ во соработката со Црвениот крст, еколошкиот проект и други проекти за поддршка на општествениот развој - спортот, образованието и културата. (С.М.) |