08.02.2012, 16:30 Никој не оди на пазар, се купуваат само џемпери и чизми
Продавачите на пазарите немаат ќар да мрзнат на отворено, а да заработуваат минимално
Сања Наумовска
Зелените пазари се пусти. Снегот и студеното време ги затвори повеќе од половината од тезгите. Продавачите велат дека не им се исплати денот да го поминуваат на минусни температури на отворено, додека заработката им е минимална. Студенилото ги затвори граѓаните дома. Се излегува само ако е неопходно. Повеќето од нив велат дека најпотребните продукти ги купуваат во поголемите маркети, а зелените пазарчиња деновиве ги заобиколуваат.
„Сакав да купам свежо овошје и зеленчук од пазар, но се премислив. Веројатно, производите чувани на отворено на овие температури ќе бидат смрзнати, а кога ќе ги однесам дома веднаш ќе ми скапат. Затоа решив да ги купам од супермаркет“, коментира една скопјанка.
Продавачите на зелените пазари, пак, се разочарани од слабиот промет. Велат, во последно време едвај се снаоѓаат за закупнина за тезгите.
„Тезгата ја имам над 20 години. Но, од скоро време продажбата многу опадна. Можам да кажам дека прометот никогаш не бил послаб, посебно од Нова година наваму. Заработувачката последните денови во просек ми беше околу 1.000 денари дневно. Со нив едвај ќе соберам пари за закупнина, а да не зборувам за другите трошоци“, вели продавач на зеленчук на Зелениот пазар во Скопје.
Затоа, пак, во трговските центри има врвулици од луѓе. Попустите, со големи натписи истакнати на излозите ги мамат купувачите уште во утринските часови да ги нападнат штандовите со облека и со обувки. Чизми со намалени цени речиси и нема повеќе. Се' е разграбано, а деновиве може да се најде само по некое заостанато бројче.
„За само две недели продадовме над 600 чифта топли, зимски чизми. Поради снегот испразнивме речиси се' што имавме во резерва. Останати се само неколку модели, и тоа не во сите големини“, велат вработени во продавница за обувки во центарот на Скопје. Ниските температури ја распродадоа и топлата облека. Во повеќето од продавниците низ трговските центри има снижувања кои се движат од 30 до 70 проценти. Цените на голем дел од облеката, коментираат купувачите, се повеќе од прифатливи. Џемпери, плетени фустанчиња, блузи, блузони, ролки... можат да се купат и по цена од 400 до 800 денари, а панталони и фармерки можат да се најдат и за 1.200-1.500 денари. |