Хрватска ја нокаутира Германија
„Коцкестите“ славеа со 2:1 и го обезбедија првото место во групата Б
Хрватска го доби најважниот меч во групата Б на Европското првенство во Австрија и Швајцарија. Момчињата на Славен Билиќ се соочија со Германија во меч во кој бараа враќање на самодовербата и потврда на квалитетот по слабата презентација на стартот на ЕП 2008 против Австрија. И се' што бараа, најдоа. Го поразија германскиот национален состав со 2:1, триумф кој многумина го сметаат за грандиозен поради начинот на кој беше остварен. Германците беа понижени, посрамени, а Хрватска со право ги слави Срна и Олиќ (стрелци на двата гола во 24 минута и 62 минута, голот за Германија беше дело на Лукаш Подолски во 79 минута), но и сите останати „коцкасти“ кои одиграа речиси совршено. Со оваа победа Хрватска го обезбеди првото место во групата Б и пласман во четвртфиналето на континенталниот самит каде ќе ја избегне Португалија.
„Одигравме тежок натпревар, со тежок противник, во кој апсолутно доминиравме. Ги затворивме по страничните позиции, а кога на Германците им успеваше да не' минат, нашата одбрана реагираше извонредно. Едноставно бевме подобри и заслужено победивме. Во мечот со Австрија се работеше чисто за проблем од психолошка природа и притисок бидејќи веќе шест години немавме победа на големите натпреварувања“, изјави по мечот селекторот на Хрватска, Славен Билиќ.
Победата на Хрватска над трикратниот светски првак Германија одекна како бомба во целиот свет. Би-Би-Си пренесе дека Хрватска оствари импресивна победа со која ја презеде контролата во групата Б и докажа дека има репрезентација која со право се вбројува меѓу кандидатите за титулата. Таблоидот „Сан“, пак, нагласи дека „англискиот крвник“ од квалификациите демонстираше одлична фудбалска претстава со која ги шокираше фудбалерите на Јоаким Лев.
Голем простор на победата на Хрватите посветија и Полјаците. Полските медиуми наведуваат дека Германците 75 минути беа немоќни и дури на крајот се рассонија малку, но беше прекасно. Српски Б92 напиша дека мечот ги оправда бомбастичните најави и дека Хрватите потвдрија дека се едни од потенцијалните изненадувања на шампионатот. На официјалната страница на УЕФА се зборува за разочарувачка партија на Германија, заслужено славје на Хрватска, извонредни потези на Билиќ кој ја засили с��едината со Ракитиќ во споредба со мечот против Австрија, а УЕФА ги оживува спомените од СП 1998 кога Хрватска ја „разби“ Германија со 3:0 во рамки на четвртфиналето.
Според германски „Кикер“ избраниците на Лев доживеаја помрачување од фудбалерите на Билиќ. За нив стабилната одбрана на „коцкастите“ не им дозволи на германците вистинска шанса. Остар кон Лев и германските репрезентативци беше и „Билд“. Весникот пишува за големо разочарување по добрата партија против Полска, дека не може да се сфати зошто е доживеана бламажа и зошто играчите на Лев се однесуваа како да е во прашање пријателски натпревар. Австриските медиуми пишуваат за заслужена победа на Хрватите во меч полн со емоции во кој Германија беше непрепознатлива.
„Ова е тежок пораз за нас. Игравме разочарувачки за сите наши навивачи и сега мораме да ги поднесеме критиките. Очигледно не' излажа победата над Полска, Хрватска одигра сјајно и можам да кажам дека не' надигра. Противникот едноставно повеќе го сакаше триумфот. Сега не' очекува многу работа за да се опоравиме од овој пораз и да ги победиме Австријците“, вели Јоаким Лев, селектор на Германија.
Хрватски навивач почина од инфаркт
Додека хрватските навивачи се веселеа на трибините во Клагенфурт по победата над Германија, во тамошната болница завладеа тага, откако 20-годишен хрватски фан почина од инфаркт пред мечот.
Тој колабирал на улица и починал набрзо по неговиот прием во болницата во Клагенфурт.
Австрија ремизира со Полска со гол од пенал во продолжението
Кодомаќинот на ЕП 2008, Австрија, го освои првиот бод на континенталниот фудбалски самит. Во меч од второто коло во групата Б Австријците ремизираа во дуелот со Полка (1:1) и ги задржаа, какви-такви, надежите за минување на првата фаза на ЕП 2008, но за тоа им претстои исклучително тешка задача бидејќи во последниот меч им е потребна победа над фаворизираната Германија.
Полјаците поведоа во 30 минута со голот на Гереиро, Австријците израмнија во третата минута од судиското продолежние со погодокот на Ивица Вастиќ од пенал.
Чесите тренираат изведување пенали
Селекторот на Чешка, Карел Брикнер, открива дека неговите фудбалери на последните тренинзи вежбаат изведување пенали, бидејќи тие можат да го дадат вториот патник во четврт-финалето од групата А. Тоа е можно ако пресметката меѓу Чешка и Турција в недела во Женева заврши без победник.
„Постои веројатност пеналите да бидат решавачки за пласман во следната рунда. Затоа, моите фудбалери ги вежбаат ударите од белата точка. Но, сепак, потребно е да се фокусираме на нашата игра, да одиграме добар меч, како во првото полувреме со Португалија и да се обидеме работата да ја завршиме за 90 минути“, вели Брикнер.
Рехагел жестоко критикуван во Грција
„Кралот на Грција“ или „Василис Ото“ е доведен пред столбот на срамот во Грција поради поразот и дефанзивната тактика против Шведска. Простор во медиумите прв доби неговиот вечен конкурент, познатиот грчки фудбалер Василис Цартас, кој на Рехагел не може да му прости што го изостави од ЕП. „Едноставно, тој размислува за реми. Во неговите замисли нема постигнување голови. Не знам зошто Рехагел не може да организира подобра напаѓачка игра кога има толку добри играчи во составот?“, прашува Цартас. |