Зошто нема понуди за летување во Македонија
Неколку агенции се занимаваат со алтернативен туризам, но нивните понуди се насочени кон странски туристи: манастирот „Трескавец“
Според агенциите, граѓаните ги знаат хотелите или се снаоѓаат за приватно сместување
Миркица Поповиќ
Дали летувањето во Македонија од навика станува луксуз. И ова лето минува без понуди за македонските летувалишта од туристичките агенции во државата. Излозите на агенциите во Скопје привлекуваат со понуди за летување во странство, напамет се знаат хотелите во Анталија или малите места на Халкидики. Меѓутоа, што се случува со оние што сакаат да летуваат во Македонија?
Туристичките агенции имаат единствен одговор дека нема побарувачка за летување во земјата. За класичната понуда за летување во камповите и во хотелите во Охрид, Струга и Дојран не е практично да се плати провизија на туристичка агенција. Од друга страна, пак, претставници од туристичките агенции и од хотелите едногласно велат дека македонските граѓани најчесто заминуваат на летување во земјата во сопствена режија, бидејќи се запознати со хотелите или, пак, се снаоѓаат за приватно сместување преку познати.
Во хотелите во Охрид се' уште најголем број туристи се од нашата држава, што е уште еден индикатор дека, и покрај недостатокот од реклами и промоција за понудите, граѓаните знаат каде да се упатат кога станува збор за избор на летувалиште.
Реакциите од туристичките агенции на прашањето зошто воопшто немаат или имаат сосема сиромашна понуда за некое наше летувалишта, повеќе потсетува на блага критика на цените понудени од тамошните хотели или од приватните апартмани. Ноќевање чини и до 3.000 денари за едно лице, што е речиси идентично, дури и поскапо од цените во странските летувалишта.
Од групацијата хотели „Белви“, „Метропол“ и „Турист“ сметаат дека е потребна поголема промоција, но чекаат помош од Националната агенција за туризам и усвојување на национална стратегија за развој на туризмот. Според нив, нема никаква национална стратегија и хотелите се оставени сами на себе. Од Агенцијата за развој на туризмот имаат поинаков став за прашањето. Тие посочуваат дека промоцијата на македонските хотели, пред се', е насочена кон странските туристи. При тоа, немањето домашни понуди го објаснуваат како непостигнат договор меѓу агенциите и хотелите.
Како што вели Зоран Стрезовски од Агенцијата, на заедничките средби на хотелиерите и туристичките агенции постојано се укажува на потребата за нивна соработка, меѓутоа конечниот исход зависи од самата стратегија на туристичките агенции. „Хотелите и туристичките агенции се, сепак, приватни компании, кои работат на лукративен принцип и не можете да им наредите со кого и како да соработуваат. Меѓутоа, има доволен број позитивни примери, како хотелот ’Радика‘ во Маврово“, вели Стрезовски.
Оскудната понуда, која покажува како маркетинг-служ��ите на македонските хотели ги насочуваат рекламните кампањи, сепак, повторно, главно, е насочена за летување во Охрид и во Струга. Запоставена е гранката алтернативен туризам, која се смета дека би била најдобар начин за промовирање на Македонија во странство. Во Скопје има неколку туристички агенции, кои се занимаваат со алтернативен туризам, но нивните понуди за „сафари“ низ Македонија, историски прошетки, планинарење, пешачки и велосипедски тури, комбинирани со параглајдерство низ земјата, повторно се насочени ексклузивно кон странските туристи.
Независно од немањето туристички понуди, граѓаните со авантуристички дух во своја режија наоѓаат начин да организираат сопствени пешачки или планинарски тури и да ги посетат помалку познатите „егзотични“ места, кои ги нуди државата, а за кои најголем дел од нас дознаваат само преку филмски сцени. Ентузијасти за самостојно патување секогаш ќе има, но зошто тоа не се гледа и како можност за запознавање на граѓаните со државата, и како бизнис-можност од друга страна, останува неодговорено прашање. |