29.01.2013, 16:50 Тијана се враќа дома
Насловот на повратничката композиција е „Срце ко мраз“. Се најавуваат нови песни, сестрински дует со Тамара, нов албум
И време беше. Тијана Дапчевиќ се враќа онаму каде што почна. На македонската музичка сцена. Популарната пејачка, која убаво се снајде на српската забавна сцена, по цели десет години се враќа на нашата сцена со хитовска тема. Насловот на повратничката композиција, чиј изворен автор е Драган Брајовиќ-Браја и на српски е насловена како „Љуби ми се“, Милан Миланов ја препеа во „Срце ко мраз“, а за аранжманот се погрижи Марио Милиојевиќ.
„Времето си поминува, а ние секогаш брзаме да го направиме уште ова, уште она, па така во тоа брзање и мене ми се случи дури минатата година да видам дека поминала цел�� деценија од моето последно дело на македонски. Сакав токму оваа песна да и' ја подарам и на македонската публика, мислам дека ќе и' се допадне“, објаснува Тијана Дапчевиќ. „Изгрев“, испеана на „Скопски фестивал“, во далечната 2002 година е последното нешто кое сум го испеала на македонски, иако тоа е една песна на Дојчин, која секогаш ме поместува од место, сепак, не е фер, поминале цели десет години, ред е за нов подарок за моите Македонци, па така дојде во живот „Срце ко мраз“.
Искрено, би била најсреќна кога оваа тема би ве загревала во диско, по дома, на работа, во автомобил, во продавница...“, вели Тијана, за чија кариера во Македонија отсега па натаму ќе се грижи „Горила продукција“. Оттаму најавуваат уште многу нови песни, спотови, сестрински дует со Тамара, нов албум... (К.Ш.) |