08.08.2012, 17:39 И „Охридско лето“ го слави Стриндберг
Годинава се одбележуваат 100 години од смртта на големиот шведски писател и татко на модерниот театар Август Стриндберг (1849-1912)
И „Охридско лето“ се придружува кон одбележувањето на значајниот јубилеј - 100 години од смртта на големиот шведски писател Август Стриндберг (1849-1912). Неговото уникатно и современо дело, односно неговиот широк репертоар во текот на целата година се изведува низ Шведска, како и насекаде низ светот. Таткото на модерниот театар, писател, сликар, но и исклучителен фотограф, остави зад себе над 70 драми, неколку автобиографски романи и стотина кратки приказни во кои се занимава со најинтимното истражување на својата душа, до објективните случувања во светот.
На 11 август во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, директно од градот на Стриндберг, Стокхолм, гостува претставата „Госпоѓица Јулија“ во режија на Ана Петерсон од Шведска, додека на истиот простор ќе биде поставена изложба од музејот „Стриндберг“ под наслов „Стриндберг и уметноста на фотографијата“. Претставата ќе донесе една иновативност во сферата на театарот, додека изложбата ќе претстави претежно портрети на Стриндберг поделени на неколку сегменти.
Од натурализмот во драмите „Госпоѓица Јулија“ и „Татко“, до симболизмот и експресионизмот во „Пат во Дамаск“ и „Игра на соништата“, преку оние романи во кои го анализирал сопствениот живот како што се „Синот на слугинката“, „Созревање“, „Исповед на лудакот“ или „Инферно“, Август Стриндберг во сите, ама баш во сите дела покажува исклучителна креативност и иновативност, што не бадијала го нарекуваат револуционер на драмската сцена, бидејќи постојано трагал по нови начини на изразување. Особено пошироката јавност се воодушевува на неговиот интимен приказ, на неговата храброст случките од својот живот да ги подели со сите, како што е, на пример, во романот „Брак: исповед на лудиот“ кој во суштина е историјат на долгогодишната врска на Стриндберг и неговата најголема љубов Сири фон Есен. Во неа, Стриндберг фатално се вљубил додека била мажена бароница, а ја запознал во Стокхолм во 1879 година. Таа се развела, се омажила за Стриндберг и станала првенка на Кралскиот театар и главна актерка во сите негови дела. Во исто време, Сири фон Есен била првата госпоѓица Јулија во истоимената прочуена драма. Позната е анегдотата кога во едно од писмата до директорот на театарот Стриндберг напишал дека неговиот интерес за театарот има цел само едно, а тоа е актерската кариера на неговата жена. Но, Сири била жена со слободен дух, флертувала и со мажи и со жени, што Стриндберг го довела на раб на нервен слом. Неговата анализа на бракот ја напишал на француски јазик, затоа што сметал дека е премногу интимна да биде читана во Шведска. Во тоа време, тој ќе се опишува себе си како пропаднат писател. „Се чувствувам како глувонем. Како да не можам да зборувам, а не ми е дозволено да пишувам. Некогаш стојам на средината од својата соба и се чувствувам како да сум во затворска ќелија. И тогаш сакам да врескам толку силно, па сите ѕидови и плафонот да се разлетаат на парчиња. Имам толку многу причини да врескам, а повторно останувам нем.“
Инаку, Август Стриндберг бил три пати оженет, но неговиот однос кон жените бил проблематичен, од мислењето, на пример, дека мажите и жените имаат исти права во „Бракови 1“, до мизогиничните ставови во „Бракови 2“, кои ќе му ја донесат репутацијата на мизогин автор. Во автобиографската новела „Синот на слугинката“, пак, која е исто така една од неговите најпознати токму поради чистиот, нескриен однос спрема својата интима, го опишува својот живот во детството како син на слугинка, како емотивно несигурно, сиромашно, запоставено дете итн.
На почетокот, критиката не ги прифаќала неговите дела, па ниту романот „Црвена соба“ кој често се нарекува првиот шведски модерен роман, но и драмата „Мајстор Олоф“. Разочаран од културната состојба во Шведска, Стриндберг заминува во Париз во 1883 година, потоа и во Германија и Швајцарија, но набргу ќе се врати во својата земја селејќи се во внатрешноста. Ставовите на критиката и на аудиториумот значително ќе се подобрат и тој ќе ја доживее својата голема слава во текот на животот. Ќе биде наречен едноставно, геније. Неговиот опус може да се подели на три тематски насоки: криза во современото општество што го подразбира односот меѓу мажите и жените, семејните проблеми, моралот, хипокризијата, индустријализацијата и урбанизацијата, проблемите на работничката класа итн., потоа историските теми, тематизирани првенствено во историските драми за шведските владетели и значајни историски личности, и како трета насока мистицизмот и окултизмот, каде што е свртен кон духовните вредности и размислите за животот и смртта. Од потребата да верува во нешто, го користи обожувањето на природата на Жан Жак Русо и некои негови дела ќе бидат под негово влијание, како „Меѓу француските селани“. Но, откако ќе замине во Германија, ќе се вљуби во офицерскиот статус на канцеларот Ото фон Бизмарк и ќе стане критичен кон Русо, а ќе се сврти кон филозофијата на Ниче, кога ќе го нагласува машкиот интелект.
Неговите креативни кризи, што доведувале и до финансиска немоќ, преселбите, честото запаѓање во депресија, неговата параноја, односот спрема жените, Стриндберг го опишал во своите дела. Починал во 63 година од животот во Стокхолм, а денес постои музеј во негова чест. (Т.И.) |