10.08.2012, 16:09 Македонец осомничен за убиство откриен во Доминиканска Република
МВР по лицето Ѓорѓи Топаловски (40) од Скопје врз основа на судска наредба има распишано меѓународна потерница за убиство
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека добило известување оти во Доминиканската Република е откриен македонски државјанин за кого преку Интерпол беше распишана потерница поради извршено кривично дело „убиство“.
МВР, преку Секторот за меѓународна полициска соработка – ИНТЕРПОЛ Скопје, во средата преку ИНТЕРПОЛ Санто Доминго, Доминиканска Република беше известено дека во оваа земја е откриено лице кое се бара по меѓународна потерница за извршено кривично дело „убиство“. Во Доминиканската република лицето престојувало со литванска патна исправа на име Ареи Аргеад.
Откако МВР одговорило потврдно за тоа дека се` уште е активна меѓународната потерница, лицето е депортирано во Мадрид, каде од страна на шпанската полиција е лишено од слобода. Веднаш е стапено во контакт со ИНТЕРПОЛ–Мадрид и, како што се наведува во соопштението на МВР, во тек е постапка за утврдување на неговиот идентитет. МВР вчера го известило Министерството за правда да отпочне постапка за негова екстрадиција.
Како што се наведува во соопштението, МВР по лицето Ѓорѓи Топаловски (40) од Скопје врз основа на наредба од Основен суд Скопје – 1 има распишано меѓународна потерница во декември 2007 година. Топаловски се бара бидејќи на 22.11.2007 година на булеварот „Илинден“ во Скопје, во близина на Зоолошката градина, пред цвеќарата „Грин планет“ со употреба на огнено оружје ги лиши од живот лицата Новица Благоевиќ (1977) и Андреј Филип (1973), двајцата од Скопје. Благоевиќ и Филип физички го нападнале Топаловски по што тој пукал во нив. По извршување на делото сторителот со патничко возило се оддалечил од местото на настанот. |