11.08.2012, 18:54 Уште шест кривични пријави за „Детонатор“
Центарот за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривични пријави против пет лица од Кочани и едно од Штип поради сомение дека со сторени кривични дела перење пари, даночно затајување и помагање го оштетиле државниот Буџет со 5.299.282 денари.
Подесени се пријави против кочанчаните С.С.(32), Г.Б.(29), Ж.Ж.(30), М.А.(26) - основач на Тропикана клуб Кочани, А.М.(28) - управител на Тропикана клуб и штипјанецот Б.С.(34), сопственик и управител на Агенцијата за обезбедување на имот и лица„Титан груп“ од Штип.
МВР соопшти дека ппријавените С.С. викан Шжшкан, Г.Б. викан Цингал и Ж.Ж., во периодот од 2009 до 2012 година, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, формирале криминална група која континуирано принудувала фирми од Виница и Кочани, да ја прифатат наводната „услуга на обезбедување на нивниот имот и лица“ со што вршела кривични дела „изнуда“ за што против нив претходно е поднесена кривична пријава и посебен извештај.
Бидејќи тројцата немале основано своја Агенција за обезбедување, а со цел да се прикрие изнудата, во 2010 година, „го ангажирале“ пријавениот Б.С., „заеднички да работат“, преку неговата Агенција за обезбедување Титан груп. Агенцијата во текот на 2010 и 2011 година, со околу 50 приватни фирми кои реално немале потреба од обезбедување, под принуда склучила фиктивни договори за обезбедување имот и лица. Услугата друштвата никогаш не ја добиле, но плаќале месечен надомест од 1.000 до 5.000 на сметката на Титан груп. Агенцијата реално неможела да пружа услуги бидејќи немала инсталирано видео надзор, ниту пак имала доволен број вработени и возила со кои би можела да врши 24 часовна заштита - обезбедување.
Нелегално стекнатите пари во вкупен износ од 3.037.865 денари, земени со кривичното дело „изнуда“, еден дел биле легализирани преку „Титан груп така што 2.442.115 денари ги прикажале како да се стекнати од дадени услуги за обезбедување кои биле уплаќани на сметката на агенцијата од страна на фирмите кои наводно биле обезбедувани. Другиот дел, во износ од 595.750 денари, во вид на позајмици, ги пуштиле во промет преку сметката на Тропикана од Кочани, чиј основач е пријавениот М.А. а фактички сопственици се пријавените С.С., Г.Б. и Ж.Ж.. На тој начин го сториле кривичното дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Освен преку изнуди, нелегален профит оствариле и со неплаќање на предвидените законски давачки кон државата, преку неприкажување на реално остварениот промет и профит на Тропикана. За да го избегнат плаќањето на редовните даноци кон државата, околу две третини од дневниот промет го земале на рака без книжење и внесување на сметката на друштвото, а како остварен промет пријавувале само една третина од дневниот промет. Дел од дневниот промет кој го земале на рака, го внесувале на сметката на друштвото, на име позајмици, кои се користеле за плаќање на тековни давачки (такса за Лиценца за работа на друштвото, набавка на стока и др.) а со цел одржување позитивна состојба на сметката и спречување на нејзино блокирање. На овој начин, пријавените во текот на 2010 и 2011 година не платиле данок (добивка, персонален и ДДВ) и за првите три месеци од годинава (не платиле само персонален данок), односно затаиле данок во износ од 2.262.417 денари, на штета на буџетот на РМ.
Пријавените по двата основи со кривичните дела перење пари и даночно затајување го оштетиле Буџетот на Р. Македонија во вкупен износ од 5.299.282 денари. |