13.08.2012, 09:42 Единаесет години од Рамковниот договор
По повод одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор вечерва во Музејот на современа уметност вицепремиерот Муса Џафери организира прием
Пред 11 години на 13 август во Скопје беше потпишан Рамковниот договор со кој се стави крај на воениот конфликт во Македонија и се постави рамка за меѓуетнички соживот и евроатлантска перспектива на државата.
Охридскиот рамковен договор, како што уште е познат во јавноста, се` уште ја ужива поддршката на политичките партии, како и на меѓународната заедница иако припадниците на различните етнички заедници различно го доживуваат. Пројавите за негово менување во изминатите години не беа прифатени.
На 13 август 2011 година во тогашната претседателска резиденција на Водно Рамковниот договор го потпишаа претседателот на Република Македонија Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љупчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери, претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски и претседателот на ДПА Арбен Џафери. Потписници на договорот, во својство на гаранти, се и специјалните претставници на ЕУ и САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју, кои учествуваа во преговорите.
Преговорите за Охридскиот рамковен договор се одвиваа во Вилата „Билјана“ во Охрид во јули и во август 2001 година, и во нив покрај потписниците учествуваа и Хавиер Солана, тогашен висок претставник на ЕУ за безбедносна и надворешна политика и Питер Фејт, уште еден претставник на САД, како и повеќе експерти меѓу кои професорите на Правниот факултет во Скопје Владо Поповски и Љубомир Фрчковски.
По повод одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор вечерва во Музејот на современа уметност вицепремиерот задолжен за спроведување на договорот Муса Џафери организира прием на кој се поканети државниот врв, претставници на политичките партии, дипломатскиот кор и јавниот и општествениот живот. |