11.08.2012, 21:26 Ромни - Рајан против Обама - Бајден
Републиканскиот претседателски кандидат Мит Ромни го потврди изборот на конгресменот од Висконсин Пол Рајан како негов потпретседателски кандидат за изборите во ноември на кои ќе се соочат со претседателот Барак Обама и потпретседателот Џо Бајден.
Рајан е претседател на комитетот за буџет во Претставничкиот дом, позиција која ја искористи за неколку радикални буџетски предлози кои предвидуваат приватизирање на системите за пензиско и здравствено осигурување и менување на даночниот модел на САД.
Изборот на Рајан беше најавен во раните утрински часови, преку специјална телефонска апликација, по што веднаш почнаа нападите врз него од страна на демократите. Се очекува дека главна критика на демократите врз Рајан ќе бидат плановите за приватизација на пензискиот систем, во обид да ги заплашат пензионерите-гласачи со најавените реформи на Рајан.
Ромни и Рајан заедничката кампања ја почнуваат од градот Норфолк во Вирџинија, каде ќе се обратат на местото каде е закотвен воениот брод Висконсин, по што почнува нивната турнеја низ државите во кои ќе се решат претседателските избори - Вирџинија, Флорида, Охајо и Северна Каролина. |