13.08.2012, 19:57 Активни неколку пожари на територијата на Македонија
Дирекцијата за заштита и спасување соопшти дека се` уште се активни пожарите во атарот на велешките села Бреза, Ралевци и Бањица, во Кумановско Глажња, кај скопското село Радуша и на потегот кај селата Тажево и Брезница во Македонски Брод. Кај селото Радуша, во Општина Сарај гори нискостеблеста шума. Чади на неколку места. На терен се активирани протипожарни единици со четири возила и 10 пожарникари кои дежураат на терен. - Пожарот се` уште е активен и доколку се укаже потреба Дирекцијата за заштита и спасување ќе ги мобилизира своите сили, се вели во соопштенито.
Во Македонски Брод, на потегот на селата Тажево и Брезница денеска околу 13 часот избувнал пожар со кој е зафатен Националниот Парк „Јасен“. Ангажирани се пет лица од Шумското стопанство од Македонски Брод и вработени од Националниот Парк „Јасен“. Гори борова шума. Од страна на Дирекцијата за заштита и спасување делуваат два авиони за гасење на пожар. Активноста на авионите започна во 16:30 часот и ќе трае се до 20 часот, а во раните утрински часови ќе се продолжи со делување.
Се` уште е активен и пожарот во атарот на велешките села Бреза, Ралевци и Бањица. Опожарени се сува трева и грмушки, а пожарот избувнал вчера околу 15 часот. На терен делуваат лица од Шумското стопанство.
Во местото викано Превалец гори сува трева и грмушки. На пожарот делуваат две возила со девет пожарникари и 11 лица од месното население.
Активен е и пожарот во местото викано Мала Пресица, Кумановско Глажња, Општина Липково. Гори нискостеблеста шума над Мала Пресица и над селото Стрима. Теренот на кој е појавен пожарот е непристапен, соопшти Дирекцијата за заштита и спасување. |