12.08.2012, 15:57 Тригодишен акциски план за вработување на млади
Тригодишен акциски план за промовирање повеќе и подобри работни места за 135.000 млади на возраст од 15 до 29 години, претстави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Тоа е прв акциски план за таа намена. Ќе се реализира до 2015 година, а ќе чини 27 милиони евра, кои се веќе обезбедени. Дел се испланирани со годинашниот Буџет, а останатите преку пристапната помош на фондовите на Европската унија и проектите за техничка соработка и финансирање од донатори.
Младите кои треба да бидат опфатени со планот се над 28 проценти од вкупното население од таа возрасна група.
Посебна анализа за интересот на младите за вработување, според Ристовски, не е изготвена од причина што, како што рече, моментните податоци покажуваат оти навистина голем дел од младите во Македонија се` уште не се работно ангажирани. Но, истакна, факт е дека постои недоволен интерес кај дел од нив и затоа ова го правиме меѓуресорски со Министерството за образование особено во насока на нивниот тип на образование.
Неопходен е фокус на младите на стручнотро средно и високо образование, укажа Ристовски, посочувајќи на анализите на Агенцијата за вработувања кои покажуваат дека поголем дел од невработените во Македонија се лица кои студираат на определени општествени науки, а пазарот на труд не може да ги аспорбира во толкава количина.
- Од друга страна, стручното образование, и средното и високото, е силно дефициратно на пазарот на трудот во Македонија и очекуваме зголемување на интересот затоа што и домашните, но и странските инвеститори, во над 90 проценти од интересите за работно ангажирање лица од Македонија, без оглед дали се млади или повозрасни, се за лица од профили со стручно образование. Затоа и нашиот главен фокус ќе биде мотивација на младите за стручно образование, и средно и високо, укажа Ристовски.
Според него, акцискиот план е конкретен резултат на напорите на Владата и социјалните партнери за спречување на негативниот тренд во однос на вработувањето на младите лица.
- Преку четири стратешки цели сакаме да ја подобриме ефективноста на институциите на пазарот на трудот, да ги подбриме можностите за вработување на младите, да ја потикнеме вработеноста на младите преку развој на приватниот сектор, како и да обезбедиме вклучување на малдите на пазарите на трудот, рече министерот за труд и социјална политика.
Тој информира дека постојат голем број иницијативи за развој насочени кон олеснување на преминот на младите во Македонија од училиште кон работа. Во следните години, приоритетите во образованието и обуката ќе се насочат кон модернизирање на двегодишните и тригодишните насоки за стручно образование и обука за зголемување на стручните и нестручните квалификации на учениците... Во промовирањето на вработеноста приоритетите вклучуваат поддршка на понатамошниот развој на услугите и програмите коишто ги нуди Агенцијата за вработување, подобро остварување на целите утврдени во Националната стратегија за вработување, унапредување на можностите за вработување на младите лица, жените и долгорочно невработените и справување со сивата економија, наведе Ристовски.
Тука, додаде, се вбројуваат и иницијативите на Светска банка преку проектот Условени парични надоместоци и програмата Гаранции засновани на политика со цел, како и иницијативата на УСАИД, мрежата Вештини за вработување на младите... |