12.08.2012, 12:16 Владата на Самарас се понестабилна
Грчкиот премиер Андонис Самарас се соочува со, веројатно, двете најтешки задачи во својата досегашна кариера – да ги убеди меѓународните кредитори дека Грција сигурно ќе ги исполни обврските од договорот за враќање на долгот и да ги убеди коалициските партнери да ги прифатат мерките со кои во наредните две години треба да се заштедат 11,5 милијарди евра.
Владини извори соопштија дека Самарас ќе земе неколку дена одмор пред да продолжи со состаноците за изготвување на финалниот пакет мерки.
Кон крајот на август Самарас во Атина ќе има и средба со шефот на еврогрупата Жан Клод Јункер, а потоа ќе отпатува во Берлин и Париз за да се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд. Доаѓањето на Јункер во Атина некои аналитичари го толкуваат и како знак на притисок од страна на еврогрупата затоа што Јункер не само на Самарас, туку и на неговите коалициски партнери Евангелос Венизелос и Фотис Кувелис, се очекува без заобиколување да им ја соопшти атмосферата меѓу другите членки на еврозоната, која е се понеповолна за Грција.
Иако грчките медиуми посетата на Јункер сакаат да ја претворат во „манифестирање поддршка за Атина“, сепак во реалност се работи за директен притисок дека мора да се побрза со исполнување на преземените обврски.
Но, придобивање на Европа на своја страна не е единствен предизвик за Самарас.
Тој се` уште треба да ги убеди Венизелос и Кувелис дека мора да го спроведат планот за ставање во резерва на 40 илјади јавни службеници. Иако оваа мерка минатата година се покажа како неефикасна, владата не може да најде друг начин да стигне до потребните 11,5 милијарди евра што треба да ги заштеди.
Од друга страна, во предизборието Самарас ветуваше дека нема да има отпуштања од работа и намалување на администрацијата, што директно се коси со обврските од договорот за враќање на долгот според кој до 2015 мора да се намалат 150 илјади јавни службеници.
Венизелос и Кувелис до 20 август го чекаат деталниот план за мерките за штедење на кој се уште работи министерот за финансии Јанис Стурнарас заедно со експерти од неговиот Кабинет. Но и лидерите на ПАСОК и Нова демократија и да се согласат со мерките, се уште останува пакетот мерки да биде изгласан во Парламентот во септември.
Трипартиската коалиција има 178 места во 300-члениот Парламент што би значело дека нема да има проблем мерките да бидат изгласани, но меѓу пратениците веќе има голем број кои тешко ќе се убедат во оправданоста на мерките за штедење. (МИА) |