13.08.2012, 15:20 Амбасада на САД: Охридскиот договор овозможи напредок на Македонијa
Охридскиот рамковен договор овозможи Македонија да оствари прогрес во насока на стабилно, мултиетничко, мултикултурно и мултирелигиозно општество и во насока на зацртаната цел за полноправна интеграција во евроатланската заедница, оценува Амбасадата на САД во денешното соопштение по повод 11-годишнината од потпишувањето на договорот.
- Единаесет години подоцна, Македонија се соочува со бројни предизвици и уште еднаш, визијата и храброста на политичките лидери се важни за совладувањето на тие предизвици. Ги поздравуваме оние граѓани и лидери, кои ги ставиле настрана сопствените разлики заради потрагата по една отворена, безбедна и динамична демократија, што нуди гаранции за мир и просперитет за сите свои граѓани – без разлика на нивната етничка припадност, пол, религија или политички ставови, се вели во соопштението.
Во таа потрага, се нагласува, Македонија секогаш на своја страна ќе ги има Соединетите Држави.
- Се гордееме со партнерството што го имаме со оваа земја уште од нејзиното осамостојување и очекуваме таа да го заземе своето заслужено место како полноправен и добредојден член на евро-атлантската заедница и да продолжи да се развива како разновидна, безбедна и просперитетна држава, стои во соопштението од Амбасадата на САД. |