13.08.2012, 13:07 Милчин ja тужи Комисијата за лустрација и Аџиев
Во кривичната пријава против Аџиев меѓу другото ќе стои дека тоа што тој го тврди нема поткрепа во решението и документите кои се приложени
Владимир Милчин, кој со решение на Комисијата за верификација на факти беше прогласен за соработник на тајните служби, ќе поднесе тужба до Управниот суд против Комисијата и кривична пријава против нејзиниот претседател Томе Аџиев.
Во кривичната пријава против Аџиев, информира Милчин, меѓу другото ќе стои дека тоа што тој го тврди нема поткрепа во решението и документите кои се приложени, а во нив нема ништо што се однесува на идеологија и на политика.
Милчин, на денешната прес - конференција тврдеше дека Аџиев најпрво го затаил документот со кој УБК ја известила Комисијата дека тој не бил и не е соработник, потоа не го објавил документот - прашалник за ревизија на лично досие од 1 декември 1983 година во кој пишувало оти немал соработка со орган за внатрешни работи. Третиот документ што Аџиев не го објавил, рече Милчин, е службената белешка од 3 ноември 1987 година од разговорот во кој двајца оперативни работници СДБ се распрашувале кај тогашниот декан на ФДУ за интервјуто на Милчин во неделникот „Данас“ за полициската акција во Вевчани.
Според него, штетите од лустрацијата вака како што ја спроведува Комисијата, нема да завршат на компромитирањето на 10 - тина луѓе, туку ќе се шират и ќе се одразат на институциите на системот и можат да ја разнишаат државата. |