13.08.2012, 15:45 Берлин ќе ја блокира помошта за Атина ако не се почитува договореното
Германија ќе го искористи правото на вето и ќе ја блокира новата еконмска помош за Грција, доколку земјата не го почитува договореното, изјави заменик-претседателот на параламентарната група на Демохристијанската унија Михаел Фукс во интервју за весникот „Ханделсблат“.
- Доколку Германија констатира дека Грција не ги исполнила своите обврски, тогаш ќе го искористи правото на вето, предупреди Фукс.
Тој додаде дека и доколку Грција исполни половина од реформите сепак тоа не е доволно за нов спасувачки пакет. - Германија не може и нема да го прифати пакетот во такви околности, додаде Фукс.
Германија, која е најсилна економија во Европа и има најголем удел во спасувачкиот пакет од земјите од еврозоната, го очекува, како и другите европски партнери, во средината на септември извештајот од експертите на Меѓународниот монетарен фонд, Европската унија и Европската централна банка за економската програма на новата грчка Влада.
Тој извештај ќе определи дали Грција ќе ја добие следната транша во износ од 31,5 милијарди евра од заемот, предвиден за две години во рамки на вториот спасувачки пакет, кој беше одобрен во февруари. |