13.08.2012, 12:05 Македонија бележи трговски суфицит со Косово и Албанија
За периодот јануари-јуни македонските компании на косовскиот пазар пласирале стока вредна 165 милиони долари, што претставува раст 30,6 отсто, споредено со истиот период лани
Во првите шест месеци од годинава, во трговската размена со Косово, Македонија бележи континуиран суфицит.
За периодот јануари-јуни македонските компании на косовскиот пазар пласирале стока вредна 165 милиони долари, што претставува раст 30,6 отсто, споредено со истиот период лани. Во обратен правец, косовските компании во Македонија забележале извоз во вредност на 10 милиони долари.
Според весникот „Коха“, минатата година нашата земја ја заокружила трговската размена со суфицит од 415,7 милиони долари. Базирајќи се на податоци од Заводот за статистика, се наведува дека голем раст е забележан кај извозот на одредени производи, како што се овошје, пиво, месни производи, ориз, сточна храна, брашно, градежни материјали и нафтени деривати.
Намален обем на трговска размена во вториот квартал годинава Македонија бележи со Албанија. Според статистичките податоци, во првата половина од годинава во Албанија била извезена стока во вредност од 27 милиони долари, додека од Албанија во Македонија влегла стока во вредност од 9 милиони долари. |