13.08.2012, 16:37 Седлоски на клупата против Литванија
Комитетот за итност при ФФМ денеска го довери националниот тим на ексрепрезентативецот за претстојниот пријателски дуел
Сашко Ѓ. Димовски
Гоце Седлоски ќе седи на клупата на фудбалската репрезентација на Македонија во среда на пријателскиот меч со Литванија на „Филип Втори“ (20,30 ч., пренос на МТВ). Комитетот за итност при Фудбалската федерација на Македонија му го довери кормилото на ексрепрезентативецот, единствен со преку 100 настапи во националниот дрес, по спогодбениот раскин на договорот со Џон Тошак викендот. Поранешниот репрезентативен стопер е привремено решение, а стручњакот што ќе не' предводи низ квалификациите за СП 2014 во Бразил ќе се знае в четврток и ќе биде назначен по итна постапка.
„Нема да ангажираме селектор што ќе се вади дека нема време. Бараме селектор што ќе биде заштитник на фудбалерите, човек што ќе знае да ги штити Македонија и нејзините навивачи, човек кој размислува позитивно и здраво, што говори разумно и елоквентно. Насочени сме во потрага по стручњак што градел авторитет низ кариерата, човек со играчка харизма, човек со знаење и чесност. Ќе добиеме селектор кој искрено ќе се надева дека ќе остави позитивен белег во македонскиот фудбал, стратег што ќе биде посветен на репрезентацијата и на работата“, изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, на денешната прес-конференција во Скопје.
На неа учествуваше и досегашниот селектор Џон Тошак во придружба на синот Камерон. На заминување Велшанецот и' посака среќа на македонската репрезентација, во која не пропушти да каже дека верува иако се најде во тешка група за претстојната квалификациска кампања. Притоа рече дека не бил подготвен да прифати нови клаузули во договорот што требало да се однесуваат на барањата на новото раководство на Федерацијата, па оттука и дошло до раскинување на соработката. Со нив требаше да се утврди неговиот престој во Македонија, Тошак да има директен увид во случувањата во мак-фудбалот и да учествува во едукација на тренерите.
„Бев подготвен да ги исполнам обврските што ги имав во договорот потпишан со претходното раководство пред една година. Сега ситуацијата се смени. Федерацијата доби ново раководство, чии барања ги разбирам, но не сум подготвен да ги прифатам. Им посакувам среќа и успех во работата на новиот претседател и на македонските фудбалери во натпреварите во иднина. Имам верба во составот и натаму мислам дека Македонија има шанса да се пласира на Светското првенство“, рече Тошак.
Првата работна задача Седлоски, носител на лиценца УЕФА ПРО, ја има денеска попладне, кога ќе го одржи и првиот тренинг со репрезентативците. На него беше најавено дека ќе присуствуваат сите освен Горан Попов, кој се наоѓа во Англија, каде што е подложен на лекарски прегледи во Стоук и тој, дефинитивно, отпаѓа од комбинација со Литванците во среда. До последниот тест пред стартот на мундијалските квалификации во септември нашите репрезентативци ќе одработат уште два тренинга.
Репрезентацијата на Литванија од денеска напладне е во Скопје. Попладнево ќе реализира еден тренинг на игралиштето на Работнички во Градски парк, за утре е предвиден и вториот на „Филип Втори“ во време на одигрување на натпреварот.
Петар Милошевски директор на А-тимот и на младите
Поранешната македонска репрезентативна „единица“, Петар Милошевски, ја доби функцијата директор на А-тимот. Во неговиот работен опсег ќе биде и селекцијата за играчи до 21 година. |