12.08.2012, 14:31 Тошак нема да ја дочека Литванија
Велшанецот неподготвен да ги исполни барањата на новиот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, нов селектор ќе биде домашен стручњак, кој ќе биде познат утре
Сашко Ѓ. Димовски
Промените во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) продуцираат и промени во националниот тим кои, барем засега, се однесуваат на стручниот штаб, а не е исклучена можноста во иднина да има промени и во играчкиот кадар и да се ретерира во се' што беше сторено во изминатата година. Како што можеше и да се претпостави, со доаѓањето на Илчо Ѓорѓиоски за прв човек во куќата на фудбалот броени се деновите на Џон Тошак на чело на фудбалската репрезентација на Македонија. Велшанецот заминува од македонското кормило што ќе му биде доверено на, веројатно, домашен стручњак уште во претстојниот пријателски меч против Литванија пред стартот на септемвриските квалификации за СП 2014 и врзаните гостувања кај Хрватска и Шкотска. Името на новиот селектор се држи во тајност, од ФФМ порачуваат дека Ѓорѓиоски ќе го обелодени лично на утрешната прес-конференција во Скопје. Како едно од преодните решенија се споменува Бобан Бабунски, предводник на младата селекција, по што се шпекулира дека тимот ќе му биде доверен на Чедомир Јаневски за мундијалскиот квалификациски циклус.
Ова е епилогот по викенд средбите и разговорите меѓу Тошак и Ѓорѓиоски во Скопје. Соработката меѓу двете страни е прекината спогодбено, откако Велшанецот не изразил подготвеност да излезе во пресрет на барањата на претседателот на ФФМ.
„Претседателот Ѓорѓиоски побара од Велшанецот да ги исполни условите што ги бара федерацијата и спортската јавност. На работниот состанок од Тошак беше побарано да престојува во Македонија и да има директен увид во случувањата во македонскиот фудбал, да биде вклучен во едукацијата на тренерите и одблиску да влијае за подобрување на состојбите во македонскиот фудбал“, стои на официјалната интернет страница на ФФМ и продолжува:
„Тошак не го прифати како ултимативно барањето на Ѓорѓиоски туку напротив покажа разбирање за потребата селекторот на националниот тим да работи според начинот на кој инсистира новото раководство на ФФМ, но самиот не е подготвен да работи под бараните услови“.
И Ѓорѓиоски и Тошак е најавено дека ќе присуствуваат на утрешната прес-конференција (11 ч.) во хотелот „Холидеј ин“ на која и официјално ќе биде обелоденет раскинот на договорот и ќе биде познат наследникот на Велшанецот на клупата на Македонија. Новиот шеф во репрезентативната соблекувална веднаш ќе се зафати со работа, со ог��ед на мини подготовките за дуелот со Литванците во среда на националната арена „Филип Втори“ што се закажани да почнат денеска. Дел од фудбалерите што ги повика Џон Тошак се веќе пристигнати во Скопје, во текот на денот се очекува да се приклучи и капитенот Горан Пандев, кој во саботата со Наполи играше против Јувентус во италијанскиот Супекуп во Пекинг што неаполитанците го загубија со 4:2 по продололженија.
Една победа, три порази и четири ремија под водство на Тошак
Џон Тошак беше официјално промовиран за македонски селектор на 7 август минатата година, на местото на Мирсад Јонуз. Под негово водство репрезентацијата одигра осум меча во кои забележа една победа, четири нерешени исходи и три порази меѓу кои и изненадувачкиот кај Луксембург (1:2) во пријателски дуел во февруари оваа година. Притоа загубивме уште од Русија (0:1) и Ерменија (1:4) на гости во квалификациите за ЕП 2012 во кои ремизиравме со Словаците во Скопје. Во останатите три меча без победник одигравме и без голови против Албанија во Прилеп, против Португалија во Леирија и против Ангола во Есторил. Единствената победа со Велшанецот ја имавме со Андора (1:0). |