13.08.2012, 10:53 Почина Карло Ламбарди, творецот на „Е.Т.“ и на „Алиен“
Ламбарди работеше на „Е.Т.“ на Стивен Спилберг, на „Алиен“ или „Осми патник“ на Ридли Скот и на „Кинг Конг“ на Џон Гиљермин, за кои ги освои трите „Оскари“
Познатиот италијански мајстор за специјални ефекти и троен добитник на „Оскар“, Карло Ламбарди, кој е најпознат како татко на големите хитови „Е.Т.“ и „Алиен“, почина на 86-годишна возраст во градот Ламезија Терме во Калабрија, по долга и тешка болест.
Ламбарди соработувал со многубројни италијански режисери, вклучувајќи ги Пјер Паоло Пазолини и Дарио Арџенто, но светската популарност ја стекна со својот ангажман во Холивуд. Работеше на „Е.Т.“ на Стивен Спилберг, на „Алиен“ или „Осми патник“ на Ридли Скот и на „Кинг Конг“ на Џон Гиљермин, за кои ги освои трите „Оскари“.
Ламбарди е роден во селото Вигарано Маинарда недалеку од Ферара, на североисточниот дел на Италија. Завршил Академија за ликовни уметности во Болоња, а во светот на филмот влегува 1956 година, кога ќе го креира 16-метарскиот змеј за еден нискобуџетен научнофантастичен филм. По неговото доаѓање во Рим неговата работа ќе го привлече вниманието на познатиот продуцент Дино де Лаурентис, кој ќе го земе со себе во Холивуд. Таму, Ламбарди стана стручњак за мехатроника, спој на механичко и електронско инженерство, кое се користи во производството на специјалните ефекти. |