13.08.2012, 09:53 Романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ објавен на словенечки јазик
За романот „Сестрата на Зигмунд Фројд” Гоце Смилевски во 2010 година ја доби Наградата за литература на Европската унија
Познатата издавачка куќа „Цанкарјева заложба” од Љубљана на словенечки јазик го објави романот „Сестрата на Зигмунд Фројд” од Гоце Смилевски. Преведувач на делото од македонски на словенечки е лингвистот Соња Должан, која преведува литературни, научни и стручни текстови од македонски, српски, хрватски, бугарски и од англиски јазик на словенечки и обратно.
Должан е авторка на книгата „Во таинствените длабочини на фантастиката и еротиката”, како и на избор од македонски прозни, поетски и есеистички текстови објавен во словенечкото списание „ОточјеО”.
Критичарот на словенечкиот книжевен магазин „Букла” истакнува дека „Сестрата на Зигмунд Фројд” е „вешто напишан роман, дело кое нужно го буди вниманието на читателот”. Љубљанскиот дневен весник „Дело” објавува дека „Гоце Смилевски е еден од најпреведуваните европски автори” , свртувајќи го вниманието на читателите на еден, како што се подвлекува, „мајсторски роман со трогателна содржина”.
За романот „Сестрата на Зигмунд Фројд” Гоце Смилевски во 2010 година ја доби Наградата за литература на Европската унија. Романот се преведува на 30 јазици. |