09.08.2012, 15:31 Се' уште активни неколку пожари во Македонија

На територијата на Македонија активни се неколку пожари во Скопско, Тетовско и Кумановско.
Во атарот на скопското село Кучково во општина Ѓорче Петров синоќа избувна пожар на кој до полноќ интервенираа Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и претставници од локалната самоуправа. Дирекцијата за заштита и спасување во раните утрински часови изврши мобилизација на 130 припадници на републичките сили за заштита и спасување, кои се испратени во селата Кучково и Никиштани, како и во околината на Скопје, во општина Сарај, на планината Жеден во подрачјето на селата Копаница и Бојане.
Активни се и пожарите кај селата Радуша, Рашче и Љубин, во општина Сарај, каде што гори нискостеблеста шума. Таму интервенираат пожарникари и припадници на Дирекцијата за заштита и спасување.
Се` уште е активен и пожарот во атарот на селото Гургурница, општина Брвеница. Пожар има и над селото Копанце, општина Јегуновце, каде што гори нискостеблеста шума и сува трева. Пожарот е префлен од скопско Бојане и на него во текот на денешниот ден ќе интервенираат екипи на шумското стопанство „Лешица“. На терен ангажирани се сили на единиците на локалната самоуправа и лица од Дирекцијата за заштита и спасување.
Во општина Липково, пожар има кај местото Пресица во село Глажња. Зафатени се четири хектари дабова, букова шума и габер, а теренот е тешко пристапен. Во гаснењето учествуваат четири лица од Шумското стопанство „Куманово“ и 15 лица од месното население.
Локализирани се пожарите кај селата Седларево и Челопек во општина Брвеница, каде што гореше 30 хектари борова и високостеблеста шума. На терен се ангажирани осум луѓе од Шумското стопанство, кои работат на целосна ликвидација на пожарот.
Ставен под контрола е и пожарот во општина Чучер-Сандево, кај месноста Биљакво, во атарот на село Танушевци. Зафатени се букова шума и сува трева. Пожарот е префрлен од Косово. Утрово на терен се 30 лица од Шумското стопанство.
Локализиран е пожарот и во село Свиларе, општина Сарај, каде што е опожарена нискостеблеста шума. |