07.08.2012, 20:23 Гори депонијата во Тетово

Дивата претоварна станица во Тетово каде комуналците одлагаат комунален смет повторно гори. Облаци чад го обвиваат градот, а докторите предупредуваат дека се работи за токсичен и канцероген чад кој е опасен по луѓето бидејќи покрај комунален смет се одлага и медицински отпад.
Комуналците и пожарникарите со тешка механизација и цистерни се обидуваат да го угаснат огнот.
Според докторите, високата температура и чадот од сметот кој гори се надополнуваат и ги зголемуваат штетните дејства врз луѓето.
- Кога на тоа ќе се надоврзе непријатната миризба пред се и докажаните канцерогените материи, од типот на диоксини и фурани, од тоа што гори, од депонијата, тогаш ризикот по здравјето на населението е огромен. Не зборувам само за хронично болните, старите и децата, туку зборувам за сосема здравиот човек, рече Ратко Давидовски специјалист по хигиена и здравствена екологија.
Просторот се користи како претоварна рампа од каде сметот потоа треба да се носи кон регионалната депонија во гостиварско Русино, но комуналците не успеваат да го изнесат сметот и го трупаат на простор во чија близина има автобуска станица, две училишта и градинка.
Од локална самоуправа ветуваат промена, велат дека пожарот бил подметнат.
- Планираме до крајот на неделата депонијата комплетно да се исчисти и да се транспортира во депонијата Русино. Освен механизацијата на ЈКП ангажиравме и приватна фирма, рече Фљакрон Пустина портпарол на општина Тетово.
Актуелната локална самоуправа, откако пред три години ја исчисти депонијата, вети дека на тоа место ќе има парк и зеленило, но планините смет останаа. |