08.08.2012, 16:35 Крај на набљудуваната независност на Косово според планот
Косовскиот премиер Хашим Тачи изјави дека подготовките за ставање крај на процесот на набљудувана независност на Косово се одвиваат според утврдениот план.
Зборувајќи на седница на владата во Приштина, Тачи нагласи дека активностите на косовските власти се реализираат во координација со меѓународните институции.
- За Косово се отвора едно ново поглавје со јасна европска перспектива, оцени Тачи.
Уставниот суд на Косово минатиот месец донесе одлука за ставање крај на процесот на мониторинг на функционирањето на новата држава, по четири години независност.
Одлуката, како што пренесуваат косовските медиуми, е поздравена и од меѓународниот фактор, чии претставници во Приштина изјавија дека Косово сега е способно само да ја чува државноста.
Сепак завршувањето на набљудуваната незвисност не предвидува заминување на мисијата Еулекс. Таа ќе го носи името „Еулекс-Косово“ и останува уште две години, односно до 2014. |