08.08.2012, 15:27 Се бара консултант за пругата Бељаковци - Крива Паланка
Консултантот ќе треба да проектира 12 нови мостови, 4 нови тунели, 33 километри отворена пруга и 7,5 километри станичен колосек
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) бара консултант за изградба на железничката пруга од Бељаковци до Крива Паланка. За таа цел веќе е објавен тендер за избор на меѓународна консултанска компанија која би им помогнала на „МЖ – Инфраструктура“ во изработката на детален проект за железничката делница и во подготовката на тендерската документација со која би се избрал најповолен понудувач за изградба на овој сегмент од железничкиот Коридор 8. Како што информираа вчера од Министерството за транспорт и врски, покрај во изработката на овие документи, консултантската куќа треба да го поддржи јавното претпријатие во целокупниот процес за донесување одлука која градежна компанија ќе ги изведува активностите на терен.
Консултантот ќе треба да проектира 12 нови мостови, 4 нови тунели, 33 километри отворена пруга и 7,5 километри станичен колосек, но и да ја провери моменталната состојба, да ги модернизира и надгради конструкциите за 25 мостови и 10 тунели кои се веќе делумно изградени.
Се планира овие активности да започнат во февруари 2013 година и да траат две години, при што за оваа намена веќе се обезбедени финансиски средства во висина од 2,7 милиони евра. Крајниот рок за доставување на понудите од заинтересираните субјекти е 7 септември.
Предвидените средства од ЕБОР за реализацијата на овој проект изнесуваат 50,5 милиони евра и истиот опфаќа реконструкција и изградба на веќе изградената инфраструктура и за целосно довршување на делницата од Бељаковце до Крива Паланка, што претставува секција од источниот дел на транс-европскиот Коридор 8 во Република Македонија. Се очекува проектот да биде кофинансиран и од страна на Европската инвестициска банка. За реализација на овој проект, Владата преку финансискиот инструмент „Вестерн Балкан инвестмент фрејмворк“ обезбеди грант, односно неповратни средства во висина од 5,2 милиони евра. Од овие средства 2,5 милиони евра се' за вршење надзор на изградбата делницата Куманово - Бељаковце и 2,7 милиони евра се обезбедени за ангажирање на консултанти за изработка на основните проекти и тендерската документација за втората делница од Бељаковце до Крива Паланка. Според првично утврдената динамика, најавуваат од транспорт, изградбата на делницата треба да започне во 2015 година и да заврши во рок од 5 години. (Ек.Р.) |