07.08.2012, 15:45 Шкотскиот парламент нема право да свика референдум за независност
Парламентот на Шкотска нема легитимно право да свика и организира референдум за независност на овој дел од Велика Британија, заклучи правната истрага околу овластувањата што го спроведе Комисија на британскиот парламент.
Во заклучоците што денеска беа првпат објавени се вели дека секој референдум мора да има правна основа што ќе гарантира дека подоцна нема да се оспоруваат неговите резултати и пред се неговиот легитимитет, па затоа сугерира Холируд (шкотскиот парламент) и Вестминстер (британскиот парламент) да се договорат околу тоа кој ќе го свика плебисцитот на жителите на Шкотска за нејзината иднина.
Владејачката сепартистичка Шкотска национална партија (СНП), која има апсолутно мнозинство во парламентот во Единбург, тврди дека само Холируд може да свика референдум во Шкотска на кој се одлучува за „најважното прашање во нејзината историја“.
Владата во Лондон и британски правни експерти меѓутоа уште од актелизирањето на ова прашање предупредуваат дека овластување за еден ваков референдум може да има само парламентот на Велика Британија, па целиот случај го предадоа на испитување на специјалната парламентарна правна комисија.
Според нејзините заклуцоци, Холируд има овластување за референдуми кои се однесуваат само на прашања што произлегуваат од Законот за деволуција (префрлање на овластувањата од Лондон на Единбург), но за референдум за иднината на 305 години старата Унија меѓу Шкотска и Англија може да одлучи само британскиот парламент.
Од тоа кој е овластен да свика референдум ќе зависи и определувањето на датумот за неговото одржување, како и други технчки прашања околу гласањето. СНП и шкотскиот премиер Алекс Салмонд, кој веќе ја почнаа кампањата, инсистираат рефереднумот да се одржи во октомври 2014 година, додека владата во Лондон која не се противи на одржувањето референдум, сугерира тој да се одржи во пролета 2013 година.
Британскиот премиер Дејвид Камерон и Салмонд ќе се сретнат на крајот од септември за уште еднаш да се обидат да ги приближат позициите. |